
Во минатиот пост спомнав дека Хоукси и Булси се спакуваа за дома, неуспевајќи да се изборат за седми текми со Селтикси, односно Сиксерси. И Атланта и Чикаго беа блиску до такво нешто, но по лудите завршници домашните фанови славеа во Бостон и во Филаделфија.
Хоукси ко по обичај, предводени од Џош Смит и Џо Џонсон се посраа во последните минути во Бостон и овој пат им појде од рака она што не им појде на последната дома, а тоа е да изгубат. Ал Хорфорд на последните три покажа колку им фалеше оваа сезона, но и он утна клучно слободно на два разлика во последните секунди.
За шутот на Џош во претходниот пост нема што да се коментира. Тоа беше совршен пример за целата сезона на Џош, кој иако е голем талент има ментални ограничувања во развивањето во целост на својот потенцијал. Ограничувања има и Џо, и тоа како најплатен и лидер на оваа екипа, па затоа оваа прва рунда е и максимум за АТЛ. Да играа со друга некоја екипа (освен Мајами) можеби и ќе поминеа понатаму, но како и да е пак ќе налетаа на Хит и тука ќе беше крајот на приказната.
Што се однесува до Селтикси, и тие си имаат проблеми, но останува фактот дека овие играчи се родени за плеј-оф и за јаки серии. Кеј-Џи синоќа одигра како во најдобрите денови, а Рондо си беше стандарден. Со малку повеќе од Реј Ален и поконстанти партии од Пол, не е далеку ни финалето на Истокот, а тоа е она што го очекуваат сите во Бостон, посебно по падот и сите малери кои ги задесија Булси.
Ехх, Булси.
Синоќа во Фила беше уште еден доказ дека момците на Тибодо делуваат страшно проколнато во овој плеј-оф. Се држеа и водеа до пред самиот крај, иако си играа без својот најдобар играч и МВП од минатата сезона и со ровити Ноа и Денг. Но, една лоша одлука на Вотсон, кој наместо да продолжи да дрибла и да чека фаул над него му додаде на копачот Ашик, кој пак утна две слободни, ги чинеше скапо.
Грешка беше што при слободните на Ашик немаше луѓе кои ќе бранат позади, топката среќно дојде до Иги, кој како да беше сам во продор кон кошот со оглед на тоа дека Туракот беше само пред него. Две слободни и тесна победа за втора рунда за Сиксерси во серија во која 90 поени од некоја од екипите беше жив луксуз.
Во Чикаго и тоа како имаат за што да жалат. Со 100% здрави Роуз и Ноа, центарот на нивната одбрана, немаше да имаат многу проблеми со Сиксерси. Вака, ги задесија сите малери кои можеа да ги задесат и сега плеј-офот ќе го гледаат од дома.
Фила од друга страна, се уште ме нема убедено дека има капацитет за големи нешта. Елиминацијата, едвај, на првиот носител на Истокот без нивниот најдобар играч скоро цела серија и стартниот центар и прв скокач во дел од серијата не се сензација од типот на оние од минатото кога осмиот го елиминираше првиот.
Секоја чест за Даг Колинс што успеа да извади максимум од својот тим без ѕвезда, кој гине на терен и игра ко да им е задње, но со Бостон ќе се покаже дали овој тим навистина има потецијал за големи нешта. Пласманот во втората рунда на Истокот е за почит, но од друга страна не е никакво посебно достигнување. Таму изминативе години се најдоа голем број екипи, но тоа беше нивниот максимум во разводнетата конкуренција во конференцијата која е очигледно инфериорна во однос на Западот, каде екипи како Фила, а и како Хоукси, Никси и Орландо веројатно ќе видеа метла во прва рунда.
ПС: Сакам Сиксерси да ме демантираат, исто како и Индијана, која реално може максимум две да му земе на Мајами, но тоа не ми делува како возможно во моментов. Се надевам дека грешам и дека плеј-офот на Истокот барем малку ќе стане интересен во втората рунда.Две седми текми ќе бидат само бонус.