3/3 – Дуда

Posted by Karakash Under 3/3, СП 2010 on Saturday Sep 4, 2010

Балканското дерби имаше крајно трапав крај во кој помалку трапавите и со многу подобар тренер Срби некако се провлекоа во 1/4 финалето. Тоа би ми бил најдобриот опис на она што се случуваше во последните минути во Истанбул. Не паметам кога последен пат сум видел толку грешки на еден меч во толку краток временски период. Но, резултатската неизвесност може чуда да направи и од најнеквалитетната средба, па така направи вистинска драма на стартот од четвртфиналето на СП.

На крај славеше тимот кој е покомплетен, кој одигра потимски, посебно во последната четвртина и тимот кој на клупа има еден од најголемите европски тренери на сите времиња. Ако некој до сега се сомневаше во тоа, само нека ја погледне пак акцијата од аут на Србите на пола терен во последната минута која го избаци Рашиќ сам на положување.

Но, со ваква игра Србите треба да бидат среќни што поминаа понатаму и да му ја мислат пред дуел со Грците или Шпанците. Дуел со Грција би имал посебен шмек од добро познати услови, но ништо помалку интересен не би бил ни тој со Шпанија.

Што се однесува до Хрватите, некако продолжува тоа нивно проклетство кое започна со смртта на Дражен. Од тој момент тие се во постојан пад, со мали моментални блесоци, но без момци или барем еден играч кој би ги носел напред. Многу големи таленти со 16-17 години кај нив не станаа играчишта, а такви неколку имаат и во репрезентацијата. Останува да се надеваат дека Томиќ ќе биде исклучок од тоа правило.

А и мака-мачат со пронаоѓање на добар и вистински тренер за репрезентацијата. Јоке не е лош, но ја нема потребната тежина и искуство да ги води овие момци на едно СП. Посебно ми пречеше неговото инсистирање на изолации и еден на еден во последната четвртина, со инсистирање на Поповиќ, кој можеби одигра машки како и секогаш, но, како исто така како и секогаш, беше дел од тимот кој дома си оди со наведната глава.

Сега само им останува да се надеваат дека конечно ќе ја научат последната лекција од многуте во низа кои им се делат последниве десетина години. Барем имаат млада селекција на играчи способна за камбек таму каде им е местото, другото е на нив.

3 COMMENTS