The Wizard of South Beach
Posted by Karakash Under Бит Пазар Лето 2010, Вејдара, Лебронџилница on Monday Jul 19, 2010Кога земјата се отвори за сите во Кливленд и кога Мајами ја состави најзвучната тројка во НБА, следното прашање кое логично се наметна е како волшебникот Рајли ќе успее во селари-капот да ги уфрли останатите деветмина играчи кои во првиот тим ќе им прават дружба на Вејд, Леброн и Бош (по тој ред).
Од тогаш па во последниве десет дена Рајли не само што не седеше мирен, туку и го состави тимот покрај Големата тројка многу подобро од очекуваното. Единствен под договор со Мајами за следната сезона пред да им се падне бингото беше Марио Чалмерс. Солиден плеј кој сепак не е материјал за стартер. Но, како резерва во таков тим како Мајами може да биде доста корисен.
Следен беше Јудонис Хаслем, кој ги одби побогатите понуди од Далас и Денвер за да остане како дел од новиот експеримент на Рајли во градот во кој е роден и во кој е цела своја кариера. Ако некој во целава ситуација покажа дека е подготвен да игра и за помала плата само за да се бори за шампионската титула, тоа е Хаслем кој можеше да инкасира плус десет милиони ако се одлучеше за Мавси или Нагетси. Вака, ќе земе 20, кои не се малце и ќе игра покрај Вејд, Леброн и Бош.
Добро е познато што им носи Јудонис на Мајами, посебно во рекетот.
По Хаслем на Флорида одлучија да останат и Џоел Ентони и Џејмс Џонс, а на пат за Флорида кај своето другарче од Кливленд се спакува и Илгаускас, кој веројатно ќе му биде резерва на помладиот и поподвижниот Ентони, носејќи им искуство од клупата. Џонс е добар шутер кој претходната сезона и не се снајде баш во Мајами, но кога нема повреди може да биде опасен за три.
Сликата ја надополни веројатно најзвучното и најскапото засилување по главното трио, Мајк Милер кој би требал да биде Икс-факторот на овој тим.
Тоа се, заедно со рукито Декстер Питмен, девет играчи. Останува само да им се додаде и Карлос Аројо и ветераните Џуан Хауард, Џејсон Вилијамс и Џамал Меглор, кои би го комплетирале тимот кој следната сезона ќе биде во центарот на вниманието на сите НБА фанови, не само на тие од Саут Бич.
Ако успеат во намерите да го донесат и Мет Барнс, тогаш стварно Рајли ја заслужува наградата за прв оперативец која многумина уште сега му ја врачуваат.


