LeQuit

Posted by Karakash Under Бит Пазар Лето 2010, Вејдара, Лебронџилница, Magic, MJ23 on Sunday Jul 11, 2010

Иако преселбата во Мајами на Леброн веќе не е вест за никого, сепак деновиве уште ме прашуваат за неговиот потег и зошто се одлучил да си отиде во Кливленд, па уште и да отиде во Мајами, во градот на Двејн Вејд. Секој си има некоја своја теорија и некое свое објаснување, иако искрено, мене уште не ми е јасен потегот на Лебронтије. Всушност, повеќе на тоа гледам со мала доза на жалост. Не зошто сум фан на Кавси или па на Никси, туку поради тоа што сум фан на НБА.

Кога и да помислам на овој потег на Леброн, ми се јавува, можеби за некого и неосновано, компарација со Мајкл Џордан по сезоната 1989-90. Кога по три години табање од страна на лошите момци од Детроит на Чак Дејли (две во конф. финале и една во полуфиналето) и претходно два порази во 1. рунда од Бостон, Мајкл би се одлучил дека му е доста од губењето, дека фрустрациите се толку големи што тој решава да си отиде од Чикаго и да се пресели во Детроит, да игра покрај Ајзеа Томас и остатокот од Бед Бојси.
Или пак во Лејкерси на Западот, затоа што би сакал да игра со Меџик и Ворти…за Пет Рајли.

Нормално, тоа никогаш не се случи и на крај Мајкл, со својата упорност и огромен талент стана неоспорениот НБА Крал, човек кој е еден од ретките во историјата на НБА кој целосно заслужува да го носи тој прекар.

Леброн ја нема таа решителност и упорност, ниту пак верба дека може сам, како лидер на НБА тим, да се искачи на врвот. Барем тоа го наговестува овој негов потег. Тука сигурно завршуваат сите споредби со некои од најголемите како Мајкл, што е навистина тажно, пред се со оглед на неверојатниот, невиден талент на Леброн, кој е уникатна појава на теренот.
Изборот на неговата иднина е само негов и тоа не може никој да му го оспори, но сепак…

Од сево ова мислам дека, со исклучок на Мајами, губат сите. Посебно тимовите на Истокот. Она за што сите едвај ќе чекавме да го видиме, а тоа е плеј-оф дуелот на Вејд и Леброн, веќе нема да го има. Вејд е сега кралот, а Леброн е неговиот принц, но само во Мајами (Бош може да е некој дворски шут во целава ситуација).

Тоа е тажниот дел од целава работа.

11 COMMENTS