
Кога Кавси испаднаа во втората рунда по лекцијата од ветераните на Бостон (+Рондо) на МакНБА кажав дека нема да се зборува за Лебронтије или за било кој друг играч кој ќе биде слободен ова лето се додека не го добиеме новиот (стар) шампион. Пред се од почит кон оние кои беа навистини битни во тој момент и кои се уште играа кошарка, додека некои други, многу поизвикани и поприсутни низ медиумите се пакуваа за на годишен и за по риба.
Нормално, дел од медиумите покрај плејофот, остана фокусиран и на ѕвездите кои месец-два подоцна во неизвесност го држат поголемиот дел од НБА фановите. Посебно тие од градовите кои до сега беа нивни и оние кои се надеваат дека ќе станат нивни спасители.
Медиумот кој предњачеше во целото создавање фама околу Леброн, Вејд и Бош, пред се, е медиумот кој мене лично поради таквиот сензационалистички пристап секогаш ми бил медиум од втор ред. Круната на својата таква позиција ЕСПН веројатно ќе ја стави утревечер кога на нивниот ТВ канал Леброн ќе ја објави својата конечна одлука. Останува или си заминува од Кливленд. По must-see TV момент ова лето нема да имаме, а ваквиот настан во целост ја оправдува и нашата категорија “Бит-Пазар Лето 2010“. Во негативен смисол.
Токму таков е и поголемиот број на коментари од страна на американските медиуми поврзани со ова (нормално, со исклучок на ЕСПН) кои ги критикуваат и Леброн и дотичниот медиум за манипулирање со фановите.
Доколку ова било однапред испланирано, што мајка требаше Леброн понеделник, па потоа среда да ги означува како D Day? Во тоа имаше подршка од ЕСПН кои ја пумпаа целава работа се до експлозијата која се очекува утревечер. Некои тоа ќе го наречат добар маркетинг, но за повеќето тоа е чисто фарбање и поигрување со емоциите на добар дел од НБА фановите.
Први на таа листа се фановите на Кавси, кои најмногу стрепат во овој момент, но и тие на Никси, Нетси, Булси и донекаде Мајами, кои се заложници на целава ситуација во која се чека да падне првото домино. А страната на која тоа ќе падне може во голема мерка да ја определи иднината на сите спомнати клубови.
И не е Лебронтије, за кого се вели дека се мисли меѓу Кавси, Нетси и Никси, сам во оваа шарада. Тука се и Вејд, кој као го сака Мајами, ама ако не му го донесат барем Бош, озбилен е во намерата да се врати дома во Чикаго, како и Бош, кој не се враќа во Канада, но не сака ни кај Леброн во Кливленд. Би сакал заедно со Вејд, ама не знае дали во Мајами или пак Чикаго или Њу Џерси.
Сево ова не може, а да не се гледа со доза на иронија и потсмев, а и се ќе се разјасни во следниве два-три дена по што ќе знаеме дали некој само манипулирал со НБА фановите или навистина не знаел каква одлука да донесе до последен миг.
PS: Вчера Леброн се приклучи на Твитер, на кој веќе одамна висат голем број НБА играчи, а и го презентираше својот сајт. Тој порано изјавуваше дека го нема на ниедна социјална мрежа, ни на нет, затоа што нема време за тоа, а и затоа што поради прескокнувањето на колеџот ја скокнал и таа фаза во својата младост. Тоа, во комбинација со LeBron TV утревечер, е знак дека станува збор за некој нов, сменет Леброн.
Дали тоа ќе значи и нов дрес и клуб за него, ќе дознаеме набргу.