Неколку тимови, пред се Минесота, се надеваа дека ова лето ќе успеат да им го грабнат Руди Геј на Гризлис. Причина за таа надеж и релативен оптимизам беше одлуката на Мемфис да не му понудат договор на Геј минатото лето кога добар дел од неговата драфт генерација си ја зацементираше финансиската иднина.

Но, во малку чуден потег во Мемфис покажаа дека се подготвени да го одврзат ќесето. И тоа бааги да го отворат, фрлајќи уште една сенка врз сите муабети за економска криза и загуби на НБА тимовите. Геј ќе инкасира 81.6 милиони во следните пет години, сума која е за почит.

Овој потег веројатно е чуден со оглед на тоа дека кога станува збор за ограничени слободни играчи, тимовите обично чекаат некој тим да достави понуда до него со цел да знаат до каде можат и смеат да одат. Вака, Мемфис постави максимална граница која никој не може да ја постигне.

ПС: Покрај Дру Гуден, закој пишувавме порано денеска, нов-стар играч на Бакси е и Џон Салмонс кој потпиша 5-год. договор вреден скоро 40 мил. долари. Така, со Гуден, Салмонс и претходно Магети, Бакси се моментално најактивниот тим на пазарот.

ADD COMMENTS

Рецесија? Глобална економска криза? Поголем дел од НБА клубовите работи со финансиска загуба?

My ass.

Како да не.

Прво беше веста за 119 милиони за Џо Џонсон од страна на Атланта, а сега ултимативниот Армагедон – Минесота потпишува 4-годишен договор со Дарк-О Миличиќ за 20 милиони долари!?!?!?!

Уште еднаш – 20 милиони за 4 години. За Дарк-О Миличиќ!

Не знам дали е ова знак дека има нешто во водата во Минеаполис или дека нивниот Џи-Ем, Дејвид Кан, кој и порано беше цел на постмевање, тотално полудел, но наговестува дека нема да биде последното од Вулфси ова лудо лето кое тотално го оправдува тој епитет со ваквата вест за Миличиќ.

Без да трошам уште повеќе простор на ликот за кој Минеоста сака и тоа како да се потроши, на изненадување на сите, еве два линка до стари постови посветени токму на Дарк-О. Линк бр. 1 и Линк бр. 2

ПС: Еден мал дел од мене сака Дарк-О да успее во Минесота. Ама само мал дел. Но, не гледам како.

1 COMMENT

119 милиони за следните шест години. Толку се подготвени Хоукси да му дадат на Џо Џонсон и толку е Џо решен да им ги земе. Последните информации од Атланта велат дека двете страни се блиску до договор, а како и не би биле кога управата на Атланта е доволна луда да му понуди ваков мамутски, гигантски и по селари-капот уништувачки договор на човекот кој за секого е само втора или дури трета опција во тим кој би бил конкурент за титула.

Последната сезона од таквиот диул, барем за сега, не е сигурна, но што е тоа битно кога Џо одеднаш станува играч кој ќе заработува како некои многу подобри играчи од него. Не знам, но мене како фан на Хоукси ова ама ич не ми мириса на убаво. ОК ќе беше да го задржеа за некои 70 милиони за пет години или нешто слично, но ова е премногу.

Знам дека управата, која до сега се има докажано како крајно плашлива да направи било каков храбар и рискантен потег, е главниот проблем на Атланта. Поточно, 43265208 -те сопственици на тимот кои се дел од “Атланта Спирит“ и кои сметаат дека вака ќе си осигураат колку-толку стабилна иднина и тим додека за некоја сезона не ги продадат Хоукси.

Но, ова е играње на крајно погрешна карта. Можеби сметаат дека во евентуален потпис-трејд за Џо не би добиле ништо вредно за возврат или пак дека можат да го загубат за џабе. Но, скоро 120 милиони за Џо Џонсон?!?!?! Сите се чудевме кога истото го направи Орландо пред некоја година со Рашард Луис, но барем Луис е помлад со простор за напредок. Џо од друга страна, нема каде да напредува, поточно, мислам дека за една сезона ќе почне и да назадува, а сепак, како 34-35 годишен играч че има плата од 25 милиони долари.

Сите кои ги гледале Хоукси оваа сезона знаат дека за да биде ефективен на теренот, Џо мора често да го има баскетот во свои раце и да троши поголем дел од нападите на Хоукси. Таквата тактика на Мајк Вудсон беше под знак прашалник цела сезона, а во плејофот поради немањето никаква игра и преголемата зависност од Џо за малку ќе изгубеа од Милвоки, за потоа да бидат посрамотени од Орландо кој целосно го затвори Џо. Во тоа полуфинале на Истокот, кое Хоукси го изгубија со 0-4, Џонсон имаше просек од 11.8 поени по натпревар со мизерни околу 29% шут од игра. И се тоа од играч кој би требал да биде еден од подобрите шутери во НБА. Да не зборам за мизерниот број на обиди од слободни по средба.

Доколку инфото за овој договор на Џо и Хоукси е вистинит, тогаш е јасно дека во Атланта немаат храброст една сезона да бидат и дел од некоја средина на Истокот, со поголеми улоги на младите ѕвезди Смит и Хорфорд, за следното лето да имаат доволно место во селари-капот за големо име во тимот.

Јас како фан би ги сакал на пр. Кармело, кој може да биде од трампан од Денвер доколку не се согласи на нов договор или пак Крис Пол, кој не делува баш заинтересирано за уште една сезона со просечните Хорнетси. Но, со оглед на “храброста“ на газдите на Хоукси, тоа останува само сон.

Па, и да го откачеа Џо ова лето можеа да тргнат по Салмонс и Руди Геј на пример, плус трејд за Рејмонд Фелтон или Ал Џеферсон, но ај, да не почнувам…зошто кога е во прашање Атланта обично се има ист крај.

ADD COMMENTS

Иако овој пост повеќе би требал да биде во категорија од типот пазарче “Буњаковец“ или “Чаир“, сепак има значителна важност на стартот на летото кое може да биде култно во историјата на НБА. Ако поради ништо друго, тогаш поради тоа што е првиот договорен ангажман на еден играч на пазарот 2010.

Но, мене ми е побитен поради фактот дека продолжува мисијата на Дру Гуден до крајот на својата кариера да го облече дресот на секој НБА тим. Ако веќе не може ништо повеќе да направи, тоа секако дека е подвиг со кој ќе биде уникатен лик во историјата на Лигата.

Скитникот Гуден, ако ова со Бакси бидне, а нема причина да не биде, ќе го добие својот деветти тим во осум години во НБА. Кој би рекол дека ќе има такво патешествие откако беше драфтуван како 4. пик од Гризлис (тогаш од Ванкувер) и одигра солидно за нив, како и за Орландо, па и Кливленд каде беше трампан потоа. По тие три тима следуваше од кои беше дел во првите шест сезони од кариерата, на брзинка следуваа Чикаго, Кингси, Спарси, Далас, Вашингтон (не одигра ни една средба) и Клиперси. Милвоки е следен на таа листа.

Она што малку чуди се 32 милиони за следните пет години кои Бакси му ги даваат на Гуден, кој до пред само една година не можеше никако да најде тим кој би му дал повеќегодишен договор, а камоли таков од преку 30 милиони. Плус, Бакси имаат солидни крила во Илјасова и Мба а Мут, а претходно договорија и трејд за Кори Магети со Вориорси.

Со оглед на тоа дека се подготвени да му платат колку што бара и на Џон Салмонс, Бакси можат да имаат многу интересен тим на Истокот следната сезона. Како што сега стојат работите првите пет се Џенингс, Салмонс, Магети, Гуден и Богут. Нема многу додавачи, но Скајлс би можел тоа да го среди, освен ако не здиви претходно. И нормално, ако навистина успеат да го задржат Салмонс.

Сепак, не е јасно зошто толку брзаа во Милвоки со трошење на овие милиони, посебно ова лето кое ќе биде многу активно и кое можеше да им донесе и некој подобар играч од Гуден.

Ај, ако ништо друго можат да го трампаат за сезона-две и да го остават да ја оствари својата мисија.

ADD COMMENTS