Трејдот кој не се деси

Posted by Karakash Under Општо / Разно on Tuesday Jun 22, 2010

Случајно, листајќи низ некои стари фотки, налетав на фотошопов на Кевин Гарнет во дресот на Лејкерси. Тогаш ми текна и на оваа шпекулација која во еден период беше главната тема на муабет во Лос Анџелес, но и во самата НБА.

Веќе беше јасно дека Минесота ќе мора да го трампа Гарнет, кој иако не јавно, побара од челниците на клубот да го испратат во средина во која би имал можност да ја освои титулата. Како сетоа тоа заврши знаеме сите, а на крајот мислам дека и Бостон и Лејкерси се задоволни од расплетот.

Селтикси наместо Џермејн О’Нил + нешто ситно го добија Гарнет и во првата сезона со него во тимот станаа шампиони, а Лејкерси си го задржаа Ламар, но што е уште поважно и младиот Бајнам и имаат две титули во низа.

Со оглед на повредите на Гарнет последниве две години во Лос Анџелес се веројатно и среќни што трејдот не се случи, а јас и тогаш, а и сега, мислам дека единствена причина поради која Минесота не го направи тој трејд е Кевин Мекхејл, кој не сакаше туку-така да им го даде Кеј-Џи на Лејкерси.

Наместо тоа, во масовен трејд го прати Гарнет во својот Бостон, каде, пази случајност, тогаш ген.менаџер беше, и се уште е, неговиот голем пријател Дени Ејнџ и кој веќе разговарал со Мекхејл тој да биде тренер на Селтикси доколку Док Риверс одлучи дека сака одмор.

Чиста случајност.

ADD COMMENTS

По крајот на финалето сакав да пишувам на оваа тема, но листајќи по нетот налетав на колумна која мислам дека е многу поинтересно да ја споделам со вас.

Добар дел од вас веројатно знае кој е Мајкл Вилбон. Најмногу поради PTI, шоу кое се емитува и кај нас на ESPN America, но и поради неговата улога во студиото на ESPN во текот на плејофот, а посебно во текот на финалето.

Покрај тоа, Вилбон редовно пишува за Washington Post, a неговата последна колумна предизвика доста внимание. Пред се поради онаа тема на која јас речиси никогаш не сакам да зборувам, а тоа се споредбите на Коби со Џордан.

Финалево, а посебно 5. титула на Коби, повторно ги направија тие споредби актуелни, иако верувам дека добар дел од медиумите кои ги промовираа го правеа тоа од чисто популистички намери. Вилбон оди малку подалеку, па во целата приказна внесува и други НБА легенди, со посебно истакнување на Меџик Џонсон. Во добар дел од текстот го делам мислењето со Вилбон, посебно со делот кој е издвоен подолу…

He is not now as impactful or as talented a player as Magic, nor Michael and a sixth title, even a seventh wouldn’t change that. And the people leading such a discussion ought to be shouted down. But what most people do now is simply take what they’ve seen, no matter how limited, and declare that because it happened today it must be the best thing that ever happened.

Magic Johnson (along with Larry Bird) invented modern basketball as we know it through their passing, and they did it before the NBA became watered down with all manner of expansion teams and kids with AAU degrees who have no idea how to play the game. Michael Jordan, through a brilliance Kobe can often approach but not sustain, lifted the game internationally to the point where it was said that nobody in the world did anything as well as Michael Jordan played basketball.

Знам дека добар дел од вас нема да се согласи со ова, исто како што знам дека оние повозрасните меѓу вас ќе ја мрдаат главата афирмативно.

На крајот. единственото за што треба сите да се сложиме е дека секој од нив е посебен на свој начин, со свое посебно место во историјата на НБА, а не нечија копија или нечии наследник. Тоа е нешто што само го наметнуваат медиумите, оние, популистичките, кои претходно ги спомнав.

8 COMMENTS

Лесна ти земја, Динка воину

Posted by Karakash Under Општо / Разно on Saturday Jun 19, 2010

Денеска згасна ѕвездата на Мануте Бол. На помладите веројатно непознат, но на повозрасните од вас сиурно еден од ликовите кои засекогаш им останал во сеќавање. Иако од НБА не е дел веќе 15 години, Бол остана култен лик. Веројатно не поради неговите кошаркарски квалитети, туку поради неговата појава, која во моментот кога се појави на теренот беше нешто невидена…и остана тоа. Иако Мурешан (уникатен на свој начин) го наследи како највисок играч во историјата на Лигата, Бол остана омилен лик. И како и да не биде.

Од приказната дека со копје убил лав како тинејџер, до тандемот во Вашингтон Булетс од 1987 година со најнискиот играч во НБА – Магзи Богз, до хуманитарното појавување на боксерски меч, обидот да стане највисокиот хокеар на светот, бројните хуманитарни акции со цел да им помогне на најзагрозените од неговото племе во Судан…Всушност, и најголем дел од парите кои ги заработи во НБА тој ги потроши на оваа кауза.

Пред некоја година имаше тешка сообраќајка, од која едвај остана жив, а и се изнамачи додека успеја да го извлече своето семејство од Судан. Фундаменталистите во неговата земја го обвинуваа за разни работи, но тој остана чист и исправен пред сите неправди, секогаш желен да помогне, иако на крај самиот тој остана без пари.

Големиот човек Мануте Бол не беше само голем според својата висина. Тоа е веројатно она по што најмногу ќе се памети.

RIP, голем човеку.

1 COMMENT

РОНДО КОРЛЕОНЕ

Во текот на ланскиот плејоф Рондо си го најде своето место во Горниот НБА Дом. Со отсуството на повредениот Гарнет, малиот Рондо често ја имаше улога на лидер на Селтгикси и во страшната серија со Чикаго и во таа против Орландо. Поради неговата пргава игра на еден дел од НБА фановите Рондо им стана неподносливо мрзок, но токму поради тој свој квалитет на другата половина НБА фанови им стана една од најомилените млади фаци во Лигата.

Нормално, редовното флертување со трипл-дабл, како и самиот трипл-дабл просек му обезбеди посебно место во историјата на НБА, додека ниските удари и грубите фаули, како тие над Бред Милер, па и глумата во некои ситуации му донесоа доста хејтери.

Но, по ланскиот плеј-оф стана јасно дека тој е иднината на Бостон, а ова разигрување само ни покажа дека таа иднина дојде доста брзо. Док Риверс има целосна доверба во него и на моменти целосно е на Рондо да одлучи кој и каков напад ќе играат Селтикси.

Сепак, и после оние одлични партии, трипл-даблот во финале, останува чувствотот дека на Рондо му недостига нешто за да се стави во иста реченица со Пол и Дерон како најдобри плејмејкери во Лигата (и Неш е тука, ама не за долго). Слабите и избрзани одлуки во некои клучни ситуации, загубените топки во исто така решавачките моменти и она најважното, немањето на константен шут, ниту од поле, ниту од слободни, го прават многу ранлив и многу предвидлив.

На моменти во оваа серија, а посебно на последните две средби, Лејкерси го оставаа сам и го предизвикуваа да шутира од полудистанца, да не зборам за тројка, каде редовно беше сам. Тоа им даваше човек плус за удвојување, што им одмагаше на соиграчите на Рондо.

Јас да сум еден од тренерите во Бостон или пак некој близок на Рондо, би го советувал секој ден од 1 јули па се до почетокот на сезоната да шутира по најмалку 1000 шутеви од разни позиции на теренот. Нешто што мислам дека и самиот сфаќа дека е потребно доколку сака навистина да биде лидер на успешен тим на Селтикси во иднина, кога ветераниве ќе заминат во пензионерски.

ADD COMMENTS

Finals story: Дека е Реј?

Posted by Karakash Under Бизаро, Finals 2010 on Saturday Jun 19, 2010

Човекот едностaвно го снема по онаа историска втора средба во која го постави новиот НБА рекорд со своите осум тројки. Од тој момент, па се до шестата средба Реј успеа да ги промаши сите свои следни 18 обиди за тројка, а и откако ја прекина таа црна низа, каква што верувам дека никогаш немал во кариерата, Реј пак не беше оној стариот. Посебно не на клучната седма средба.

Но, мора да бидеме и малку реални кога е тој во прашање. Реј е сепак прво шутер, па потоа се останато, а нозете и годините секако дека имаат свој удел во неговиот успех. По таа втора средба, во третата беше евидентно дека веќе ги нема иситите “нозе“ кога ќе се дигне на шут, дека ја нема веќе таа сила да се бори во секоја секунда да се извади од неколку блока на шут кој и во таа ситуација не беше чист. Секако, бркањето на Коби и другите бекови на Лејкерси во одбрана исто така не помогна.

Сето тоа си го зема својот данок и на крај видовме лик кој ја носи 20-та на Бостон и личи на Реј, ама не е он. За утеха му останува оној рекорд, но и фактот дека Селтикси, и покрај неговите години, мораат, како што рече и самиот Док Риверс, да го задржат во тимот ова лето.

ADD COMMENTS

As told by…Јован Бошков (вистински фан на Селтикси)

Нема да правам анализа на натпреварот…нема да ги бројам скоковите на Лејкерс, слободните фрлања, изгубените топки на Селтикс, слабиот шут на Реј, нема да го анализирам Артест, нема да го коментирам судењето…

Сакам само да им честитам на навивачите на Холивуд Лејкерс…за мене не беа подобриот тим, посреќниот – секако…мислам дека Бостон ја заслужи титулата годинава…Мајами на Вејд, Кливленд на Леброн и Орландо на Хауард..списокот игледа многу побогат отколку прошетката преку еден “руки” тим на Тандер, преку една преполовена Јута (мислам на повредите на Окур и Кириленко), преку Феникс, кој реално не игра никаква одбрана…а Бостон и во финалето беше вистински….мотивираноста, тимската игра, гранитната одбрана, малку фалеше да ги додадат и Лејкерс на Коби на тој список…малку…ќе беше тоа перфектен крај на една извонредна плејоф приказна…

…сепак, за мене не постои морален победник…има само еден победник…а за тоа да биде Бостон, фалеше еден погоден шут, еден скок, една добра одбрана…..затоа вкусот на изгубената титула ми е уште погорчлив..

..ова најверојатно беше и последната шанса на овој тим на Селтикс…Док, Реј, Шид, кој знае дали ке бидат овде и следната сезона…на Пирс и Гарнет додадете му една година плус..не изгледа баш розово, не?!…

..разочараноста од поразот, моментално, не ми дава можност да гледам поинаку освен црно…..

Тешко е да се биде навивач..вистински навивач…задоволството и радоста која ја носат победите на омилените тимови секогаш те исполнува, но, разочараноста, тагата после поразите трае со денови…оттаму, не знам од каде ми беше надежта дека кога ке се разбудам, ке се чувствувам подобро…едвај се натерав да одам на работа…..јас имам (без малку) 30 години и се уште најважните натпревари ги гледам сам, стоејќи, клечејки или нервозно шетајки пред телевизорот, гризејќи ги ноктите до живци…знам дека натпреварот ќе го премотувам уште 100 пати низ глава, и усте толку пати ќе го гледам пред монитор, барајки ги клучните грешки, пропуштените можности…

…јеби га, стварно се осеќам без везе..

…зелената 33-ка на Бирд ја вратив во стаклената рамка на ѕидот, над креветот, со надеж дека пак ке ја облечам наредниот плејоф…го тргнав логото на Селтикс од десктоп…останува релаксирано да го гледам светското првенство и да го вратам сонот кој сериозно го нарушив изминативе два месеци…

3 COMMENTS

PAUL J. RICHARDS/AFP/Getty Images

Кога Артест е МВП на средбата.

Кога Скалабрини ќе се најде на теренот, наместо на клупата.

Кога првото полувреме завршува со резултат за Евролига.

Кога тимот кој победил шутира со бедни 32.5% , а поразениот со 40.8% од игра. Кога последните поени на сезоната ги убацува Саша Вујачиќ.

Кога Коби делува тотално немоќно, нервозно и изгубено.

Кога никој не приметува дека тоа не е Реј Ален на теренот во зелениот дрес бр. 20.

Кога најмногу погодени обиди од поле на еден играч се “цели“ осум (Гарнет). Кога цели фамилии имаат главна улога на пресот по освоената титула.

Кога најдобриот играч на средбата им се заблагодарува на својот доктор и на својот психијатар.

Кога Адам Морисон има две титули. Кога еден тим има девет офанзивни скокови по само половина прва четвртина….

Тогаш знаете дека нешто чудно се случува и дека средбата која сите ја очекуваа со нетрпение се претворила во вистинска војна за Прстенот, без никаква убавина каква што сите ние посакувавме да видиме. Посебно во серијата која после подолго време му го врати целосниот сјај на финалето и која слободно може да се каже дека е една од најдобрите, ако не и најдобрата во овој милениум.

Но, можеше ли и смееше ли да се очекува нешто повеќе од борбата која ја видовме синоќа?

И двата тима знаеја за што се работи, за тежината на една ваква, историска средба. Одбраните беа на ниво од самиот старт. Селтикси почнаа силно, контролирајќи ја играта три и кусур четвртини, но паднаа тогаш кога е тоа најнепожелно и најопасно, во последните десетина минути.

Не дека Лејкерси беа нешто подобри на оваа средба. Всушност, мислам дека тие воопшто не беа подобри од Селтикси, а најточно е ако се каже дека победи тимот кој одигра помалку бедно во последната четвртина и кој на крајот некако повеќе ја посакуваше таа победа.

ПС: Ова е само прв пост поврзан со финалево, а ќе следат неколку денес и во следниве денови. Поради бирократски мак заврзлами бркаме промена на нашата адреса на живеење по што би требало сите без проблеми да бидете добредојдени на МакНБА.

1 COMMENT

LA Hustlers

Posted by Karakash Under Кобиџилница, Finals 2010 on Wednesday Jun 16, 2010

Знам дека доста често кога се зборува за плејофот и за финалето, се става акцент на тоа колку е еден ден способен и подготвен да се прилагодува на другиот тим и на промените и прилагодувањата кои ги прави самиот противник. Оние кои се најуспешни во тоа речиси секогаш стигнуваат во големото финале, а најдобриот на крајот е и last team standing.

Photo by Lisa Blumenfeld/Getty Images

Photo by Christian Petersen/Getty Images

Но, после пет одиграни средби меѓусебно и после три претходни серии во кои ги покажаа сите свои силни страни и свои слабости, нема тајни помеѓу Лејкерси и Селтикси, помеѓу Фил Џексон и Док Риверс. Нема веќе прилагодувања и се се сведува на тоа кој е подобар и кој прв ќе ја наметне својата игра и ќе издржи до крај во истиот ритам. А таа улога, на агресор, синоќа ја имаа Лејкерси, кои средбата ја почнаа попалени по оние два порази по ред во Бостон. Посебно по последниот во кој, со исклучок на Коби, тие како да беа на екскурзија во Бостон, а не да играат голема петта средба од едно финале.

И, како што можевме тогаш да ги обвиниме за колективна амнезија, така сега можеме да им дадеме колективна амнестија за она што се случуваше во Бостон. Од старт остатокот од тимот покажа дека нема пак да го остави Коби сам на теренот, а со тоа се врати и довербата на Коби во соиграчите. Кога тоа се случува во Ел-Еј, ретко кој може да се носи со Лејкерси, па така и Селтикси синоќа влегоа во машината од која беа исфрлени изгужвани и со многу прашалници пред мајсторката, која btw би требала да биде уживање за сите, без разлика чии фанови биле.

Она што е уште поважно за Лејкерси е тоа што тие до победата стигнаа со помалку од 16 минути на теренот на стартерите Бајнам и Фишер. Посебно битни се тие на првиот, кој доби можност за бонус време за опоравување и неоптеретување на и онака повреденото и отечено колено.

Photo by Christian Petersen/Getty Images

А кога сме на тема колена, навистина е штета она што му деси на Кендрик Перкинс по само шест и пол минути игра. Момакот кој најчесто е главен во одбраната на рекетот за Селтикси и момакот кој веројатно ни како бебе не се смеел, се здоби со повреда на коленото која веднаш делуваше сериозно и која само можеме да се надеваме дека нема да го спречи да биде дел од тимот за мајсторицата. Ако игра под повреда, тогаш ќе се изедначат силите на центар за двата тима. Нормално, оваа повреда не може никако да биде оправдување за дебаклот на Селтикси, посебно не таков од 22 разлика и со само 67 постигнати поени во средба со толку голема важност. Или пак само 29 поени во првото полувреме.

Сега на нив е да се најдат во рок од два дена, исто како што беше и за Лејкерси по поразот во Game 5 во Бостон. Една позитивна работа е враќањето на шутот на Реј Ален, кој после 0-18 за тројка од онаа негова историска претстава во втората средба, како да си го оставил шутот во Лос Анџелес, знаејќи дека ќе треба да се врати таму. А убаво е и враќањето на забивањата кои за чудо ги немаше во две средби по ред во Бостон. Кој знае дали е случајност што токму тие две средби ги добија Селтикси.

Photo by Lisa Blumenfeld/Getty Images

И за крај, ете сме пред она што верувам дека сите неутрални баскет фанови го посакуваа пред да почне ова финале – Седма средба во која нема калкулации и во која ќе победи подобриот и со тоа ќе стане и НБА шампион.

4 COMMENTS