НБА Бит Пазар Лето 2010 – Welcome to Miami?
Posted by Karakash Under Aмар-корд, Бит Пазар Лето 2010, Вејдара, Диркулес, Лебронџилница on Wednesday Jun 30, 2010Според менаџер, кој сака да остане анонимен Крис Бош е многу блиску да стане нов соиграч на Двејн Вејд. Нормално, сме слушале, слушаме и понатаму често ќе слушаме како главен дел од секоја шпекулација “од анонимен, но проверен извор“, но во оваа ситуација мислам дека тој извор е многу јасен. И јавен.
Станува збор за Хенри Томас, кој е менаџер, пази сеа, и на Бош и на Вејд. Како поинаку некој “анонимен, но проверен извор“ би имал инсајдерска информација за иднината на Бош, која као случајно, е поврзана со премин во тимот на Вејд. Башка, менаџер е човекот.
Но, настрана тоа, ваквиот развој на настаните би можел да значи старт на домино летото во кое една по друга ќе паѓаат плочките и ќе се расчистува сега ептен матната ситуација. Нормално, се додека не се појави на презентација во Мајами, Бош нема да биде играч на Хит, а во моментов не е баш ни јасна иднината на Вејд. Сепак, со оглед на сериозноста на Рајли и сопственикот на Мајами, како и самиот драж на градот со секогаш топло време (меѓу другото), најверојатно е останувањето на Двејн таму.
Е сега, со потпис-трејд за Бош, Мајами, со цел да ослободи плус место во селари-капот, ќе гледа да се ослободи од Мајкл Бизли, Марио Чалмерс и Џоел Ентони. Првиот, иако до сега не ги исполни прогнозите, има само 21 година и е практично на старт на кариерата. Момакот е страшен талент кој мора да созрее, пред се ментално со многу работа со него. Мислам дека во Торонто би сакале да добијат таков потенцијал за возврат кога веќе е сигурно дека го губат Бош.
Ова сигурно не е последната информација поврзана со Мајами и нивната потера по две големи ѕвезди кои би му ги донеле на подарок на Вејд.Се уште во игра се Амари и Бузер, доколку не успеат со Бош, како и помалку веројатната, но секако одлична варијанта – Дирк Новицки.
Секако дека најголемата награда, поголема и од таа да се има Вејд во тимот, е Леброн, сон кој пак го сонуваат уште неколку тима интензивно, а се обидуваат да го задржат и во Кливленд со цел да не им се претвори во ноќна мора.
Од страна, но секако не во инфериорна позиција, целата ситуација ја следат Њујорк, Чикаго и Њу Џерси, кои си имаат свој план на дејствување и кои си имаат свои предности кои сметаат дека ќе бидат доволни да се добие бингото ова лето.









