Disappearing act

Posted by Karakash Under Д-Вајт, Пирсинг, Рондомониум, Playoff 2010 on Sunday May 23, 2010

Енергија, глад за победа, интензитет, едноставна желба да се биде подобар. Тоа е нешто што секој сериозен тим би требал да го има, посебно тим кој смета дека има квалитет да биде шампион и кој одеднаш се наоѓа во за нив неочекуван минус од 0-2. Третата средба во таква ситуација е клучна и средба која или ќе ви даде шанса за камбек или пак ќе ве дотолчи и ќе ги покаже сите ваши маани, докажувајќи дека стартните два порази не биле случајност.

Ништо од погореспоменатите атрибути не може да им се припише на играчите на Орландо кои третата средба ја одиграа како тие да се во плус од 2-0.  Магијата од првите две рунди одеднаш ја снема, како да гледаме некоја сосема друга екипа, екипа неспособна да изигра буквално ништо, ни во напад ни во одбрана. Екипа на која и фали цврстина, на која и фали срце и желба за надигрување.

Меѓу другото, им недостигаат и многу други работи за да можат да се носат со повампирените Селтикси, но се почнува од таа основна глад за победа. Тоа дека имаат талент не е спорно, но ретко кога тој талент е доволен за да се освои титулата во било кој спорт. Момци како Картер никогаш не биле познати по својата цврстина или сфаќање на работите лично кога некој ќе се обиде да ве прегази, да ве посрамоти. Момакот бега од контакт, има израз на лице и говор на тело кои целосно се вклопуваат во немоќта на Орландо и се совршен одраз на нивната игра во оваа серија.

Ништо подобар не е ни Луис, кој е тотално изгубен случај, ни Џамир, кој е плеј кој не знае што е асистенција и кој поради својата висина има хендикеп да види кој соиграч му е слободен. И двајцата, како и Картер, се фини момци, кои нема да направат груб фаул, ќе му подадат рака на противникот кој е легнат на паркетот, кои ќе се смеат когасе во позиција да бидат најнамуртени на свет и бесни на себе за својата мизерна игра. Истото се однесува и на Двајт, кој никако да престане да се смее. Од Џејсон Вилијамс и не можеш да очекуваш ама баш ништо, посебно не да не биде месечар во одбраната. Итд, итд….

Чиста спротивност се Селтикси, кои ја покажуваат истата онаа енергија и интензитет кои ги красеа пред две години кога станаа шампиони. Искрено, четвртата средба од оваа серија не ми се ни гледа, посебно кога чекав два дена за плејоф баскет за на крај да ги видам овие бедотии од Орландо.

ADD COMMENTS

Во основа нема што многу да се пишува за втората победа на Лејкерси, втората во која убација преку 120 поени за листи и заслужени 2-0 во конф. финале.

Едноставно, колку и да се сите неутрални фанови на страната на Санси, како што се и на страната на Орландо во финалето на Истокот, јасна е разликата во класи помеѓу двата тима. Како што и самиот Стив Неш кажа, Санси нема да пораснат до крајот на оваа серија и ќе мора да пронајдат друг начин да се справат со повисоките, но и поагресивните Лејкерси.

Како што пишав и по првата победа на Лејкерси, тие се едноствано превисоки за секоја постава на Феникс. Но, она што ги прави уште поопасни кога играат со висока петорка е подвижноста на таа висока петорка со која Санси не можат да се носат. Кога некои други екипи ќе се обидат да постават повисока петорка со класични центар и “четворка“, играта им станува поспора, потрома. Тоа не е случај и со Лејкерси кои ги имаат екстра подвижните Пау и Одом, а и Бајнам, кога е на терен, и покрај маките со коленото, е брз и превисок за Лопез, Амари, Амундсон итд…

Истата мака со висината на Лејкерси ја има и Неш, кој не може да биде ефикасен како претходно со оглед на тоа дека сега шутира или мора да додава преку повисоки играчи. Плус, тимот на Зенот одлично затвара на пик енд рол или на пик енд поп, како и го затвара шутот за три на Феникс. Така еден Фрај станува тотално бескорисен, додека вчера му тргна за три на Дадли, ама тоа не беше доволно.

Дедо Хил го искористи тоа и со шутеви за два имаше одлична партија, ама тоа нема да им донесе победа на Санси. Потребен е многу поагресивен Амари, во секој поглед, а тоа некако не е изводливо против Бајнам, Одом и Пау. За вториот “мозокот“ Амари изјави дека имал среќни 19 и 19 во првата средба, а за Пау дека доминирал против него кога овој бил во Мемфис и немал кој да му чува грб. Баш така. Ниски изјави од некој кој се преценува себеси. Гледам Ламар беше среќен и синоќа. За Пау и да не зборам како си поигруваше со него.

Се надевам дека Санси ќе успеат да ја направат во Аризона серијава интересна, но не гледам како.

6 COMMENTS

Дoста беше плави, дајте зелена метла

Posted by Karakash Under Playoff 2010 on Wednesday May 19, 2010

Мириса на дежа-ву , а? Само овој пат со малку сменети улоги и други актери. Лани Кавси по двете убедливи метли во финале на Исток налетаа на Орландо и само поради онаа чудесна тројка на Леброн на секунда до крај и малото опуштање на Орландо не добија своја метла на поклон.

Сега улогата на Кавси ја има токму Орландо кој по двете плескања на Шарлот и Атланта во дуелот со Бостон влезе како фаворит со предност на домашен терен. По првата  средба ја снема таа предноста, а по втората синоќа станува многу јасно кој е фаворит во оваа серија.

Зелените очигледно кликнаа кога е најпотребно и сега се тешки за запирање. Нивните четири победи во низа во гости се најдобра плејоф серија по 1974 година и токму тимот на Селтикси од сезоната 73/74. Можеби Шепард ги повампири со своето присуство во Бостон, но многу поверојатно е дека зрелата игра на нивните ветерани, на клупата и на одличниот Рондо кој сега си набаци и шутче од дистанца се вистинскиот клуч за успехот на Бостон. Нормално, не се заборава ни улогата на Риверс, како ни на помошникот Том Тибодо и одличната одбрана.

Сега Орландо игра за чест, мада не знам ни дали ќе успеат да ја спасат. Гледајќи ги на овие две средби, не дека Селтикси немаат голема заслуга, сепак играчите на Стен Ван Ганди се самите доста криви за ова што им се дешава.

Некој ќе рече дека Винс го донесоа  токму за онакви големи средби и ситуации како таа синоќа во последните 30 секунди, ама па некои ќе кажат (муа на МакНБА веќе подолго време) дека токму поради самиот Винс не треба да зависиш од него во тесни завршници. Посебно не во големи плејоф средби.

Се уште останува неразјаснето  зошто човекот скоро секоја ситуација намерно си ја прави 100 пати потешка обидувајќи се чист шут или влез да го претвори во фејдавеј преку двајца или пак чиста тројка да пуца фаќајки ја топката на прсти и исфрлајќи ја од прва. За двете утнати слободни на минус 3 во последната минута нема потреба од коментар.

Уште поголема мистерија ми е Рашард Луис, односно управата на Орландо која на него пред некоја година го фрли буџетот на Киргистан за да игра во средби кои и немаат некоја посебна тежина,а во средби кога тоа се бара од него, го нема никаде. Тој потег не ми се свиѓаше ни на времето, не ми се свиѓа ни сега.

Остатокот од Орландо исто не е сјаен, а можеби и па не е до нив, туку до повампирените Селтикси, кои изгледаат страшно. Многу страшно.

8 COMMENTS

L.A.MAR

Posted by Karakash Under Aмар-корд, Кобиџилница, Нештињо, Playoff 2010 on Tuesday May 18, 2010

Она што сите најави го истакнаа како предност на Лејкерси во однос на Санси беше видено на дело во газењето на Нештињо и компанија на стартот од финалето на Западот.

До сега Санси си имаа работа со екипи кои имаат еден опасен висок играч, сега се соочуваат со дури тројца и посебно со оној кој и порано се има покажано како мевлем за нив. Ламар Одом со својата височина, подвижност и шут е жива енигма за Санси и доколку биде на истото ниво како синоќа, мислам дека Лејкерси ќе се прошетаат до финалето.

И офанзивно и дефанзивно Ламар е тежок мечап за Феникс. Од една страна, веќе ги нема оние чисти тројки за Ченинг Фрај, кој нешто друго и не ни знае да направи (синоќа 1-7 за три), го нема офанзивниот, но често и дефанзивниот скок за Санси кога Ламар во комбинација со Бајнам или Пау ќе се најде в рекет, а нема ни играч во Феникс кој може да го чува Одом.

Амари, повратникот Лопез, Амундсон не се предизвик за високите играчи на Лејкерси, кои беа клуч на триумфот над Оклахома, Јута, а во комбинација со Коби ќе бидат веројатно клучни и за брзата елиминација на Феникс.

Колку и да се неутралните баскет фанови на страна на Санси, не верувам дека тие имаат сила да се носат со овие Лејкерси кои ги видовме синоќа. Посебно ако се затворени и непрецизни за тројка, шут кој им донесе многу победи сезонава и шут кој кога функционира им го отвара и рекетот. Вака. ќе треба некоја магија од Нештињо, што не верувам дека е можно.

2 COMMENTS

Green Machine, a?

Posted by Karakash Under Д-Вајт, Playoff 2010 on Monday May 17, 2010

Right on point, Селтикси синоќа покажаа зошто е безсмислено да се пишуваат било какви најави, посебно за конференциски финалиња каде обично се среќаваат толку квалитетни екипи што е тешко да се предвиди што ќе се дешава. Но, ако вчерашниот пост за Орландо-Бостон има некакво карма влијание на тоа што ќе се дешава, тогаш Лејкерси се огромни фаворити, Коби ќе ги згази и ќе им се одмазди за последните две елиминации од некоја екипа од Западот, а Санси нека се надеваат дека ќе извадат максимум две победи.

Што се однесува до стартот на серијата меѓу Орландо и Бостон, како и серијата со Кавси, повторно имаме доказ дека премногу важност и се дава на игрите на екипата во рег. сезона, а посебно на т.н. моментум. Орландо и Кливленд во последните месец дена пред старт на плејофот имаа страшни серии победи, додека Селтикси се мачеа со некои 18-15 во последните 33 средби.

Па што. Токму кога е најпотребно, искусните тимови почнуваат да кликаат. Некогаш ќе почнат, па ќе испадне дека била лажна узбуна, како Спарси во ова разигрување, но Селтикси делуваат доста моќно во моментов, а и како да ја имаат истата онаа глад како и пред две години кога го вратија сјајот на детелинката.

Орландо, ко што знаат и врапчињата, е тим кој живее и умира со тројката. Многу почесто живеат гледајќи ги другите како умираат, но синоќа беше обратно. Заслуга за тоа имаат и Селтикси, кои не им дозволија толку отворени шутеви за три како Хоукси или Бобкетси, посебно со одбраната еден на еден на Двајт, без удвојувања. Во единствената прилика кога го удвоија беа казнети со тројка на Вилијамс. Перкинс и устата на РашВид се покажаа како доволни да се лимитира Двајт, а единствени кои се појавија синоќа за Орландо беа Џамир, Винс и Редик, но и тие имаа свои блекаути.

На крај, уште малку за Двајт. Оние од вас што синоќа го следеа оригиналниот пренос на ЕСПН сигурно го гледаа и бледото шоу на полувремето во кое најужасен дел беше т.н. интервју на Двајт со Двајт или како што некој “брилијантен“ ТВ ум смислил -  разговор помеѓу Кларк Кент и Супермен. Нормално, со Двајт во обете улоги. Тој сегмент беше жив ужас и уште еден показател дека некои од новиве ѕвезди никако да сфатат што е најважно во кариерата на еден играч.

Слично како и глупостите на Леброн со пудрата, со разните сигнали за тројка, за куцање и за што уште не, и Двајт треба еднаш засекогаш да се откачи од таа Супермен фарса, од играњето пред утакмица, од смеењето ко нездрав и од имитирањето на кого стигне и целосно да и се посвети на кошарката. Посебно на развивањето на офанзивен арсенал.

Следната сезона ќе видиме дали Леброн ја научил лекцијата, а Двајт ќе мора малку побргу да го докаже тоа.

ПС: Синоќа дури гледав како Селтикси се шетаат низ Дизниленд си помислив дали сите критики и плукања по Леброн и Кавси не беа малку претерани со оглед на тоа што му дешава на фаворитот Орландо.

2 COMMENTS

To Deep Blue

Posted by Karakash Under Д-Вајт, Пирсинг, Playoff 2010 on Sunday May 16, 2010

Некако се одвикнав од пишување најави, а и иди па седни да постираш најава после импресиите на Шеп од Бостон. Плус, се помрски ми стануваат сите тие привјуа и аналзизи пред старт на секоја серија посебно. Не дека ни на МакНБА ги немало, и тоа како ги имало, но на крајот се се сведува на тоа и покрај се, никој, ама баш никој не знае како ќе заврши одредена серија и како ќе се одвиваат работите во неа. Да, има тимови кои се фаворити, но, како што покажа и ова разигрување, тоа не е гарант за триумф или пак за освојување на титулата.

Кавси се задњи кои тоа го осетија на своја кожа, откако како и лани беа ставени во Топ 3 фаворити, а сега се некаде по риба, живеејќи со неизвесноста за иднината  во која во секунда може да се вратат на нула. Претходно навистина изненади и Јута со лесната елиминација на Денвер, Спарси со плескањето на Далас и посебно лесната метла на Санси на Поп и Спарси.

Со сево ова кажано, само на кратко околу финалето на Истокот во кое Селтикси се соочуваат со уште еден тим кој е поголем фаворит во однос на нив и со тим кој во свои раце ја има предноста на домашниот терен.

Она што оваа сезона посебно ми фати око во дуелите на Бостон и Орландо беше начинот на кој Селтикси се справуваа со Двајт во одбраната. Хауард ретко се изнаигра против високите момци на Бостон и тоа може многу лесно да се повтори и во оваа серија. Во одбраната очекувам да си ја оправда титулата на нај-Дефанзивец, што значи дека би се изнегирал со високите момци на Бостон.

Луис-Гарнет, Картер-Ален, Барнс-Пирс се дуели кои секако, ќе значат многу, но се мислам дека Рондо-Нелсон, двата најдобри играчи на своите тимови во овој плеј-оф, ќе бидат клучни. Рондо до сега, после Аројо и Вилијамс, се соочува за прв пат со плеј кој е поснажен од него, кој е подеднакво брз, кој е подобар шутер од него и кој во ова разигрување игра одлично. Од друга страна ни Нелсон немаше некоја посебно тешка задача со Фелтон и дефанзивно неупотребливиот Биби.

Лани Бостон го немаше Гарнет, а Орландо – Нелсон, па на крај тимот на Рон Џереми славеше со 4-3. Сега се комплетни, со разлика во тоа што Орландо веќе го нема Хидо, но ги има Винс и Барнс и е посилен оваа сезона. Плус, ланското искуство секако дека е драгоцено. Исто така, Орландо има и подобра клупа, што во плејоф серија е голем фактор.

И така, текстот кој не треба да биде ни привју, ни најава, најавува дека Орландо, фаворитот во оваа серија, пак ќе игра големо финале. Некој ќе рече дека тимот на ван Ганди до сега не бил вистински тестиран, дека Селтикси пак ја вклучиле зелената машина од пред две години, дека Винс / Пирс не е дораснат на предизвикот, дека Бостон нема резервен плеј, дека Орландо премногу живее на шутот за тројка итн…но на крај, нема да се носи зелено во финале. Повеќе ми се свиѓа сината боја.

ПС: Ете, се испуфав за Орландо. Глеј сега нека ме поништат, во традиција на МакНБА.

ПС2: Последните три средби од серијата меѓу Бостон и Кливленд ги гледав со зелена маичка Селтикс на себе. Иако не сум суеверен, се си мислев дека и тоа има малку врска со целиот ЛеБакл на Кавси. Вечер не сум спремен да ја тестирам таа теорија, барем не во целост. Ќе облечам маичка на Орландо од прекланскиот плејоф, уба, сина со Хидо, Рашард и Двајт на неа.

2 COMMENTS

По игра на случајот Yours Truly се најде и на гејм 6 од полуфиналето на Истокот помеѓу Бостон и Кливленд. Овој пат на многу боље место :) За утакмицата и за падот на ЛеБрон немам многу што да кажам а што не е кажано во претходните постови. ЛеБрон е напредна верзија на Винс Картер и Трејси Мекгрејди и вака ако продужи тотално сам ќе си го разобличи култот кој се создаде околу него. Човекот не разговара со соиграчите, со тренерите, со никој.. излегува последен на терен.. додека Бостон на загревање не утињаат шут (освен Рашид кој делува скроз напушено цело време), ЛеБрон го ремети загревањето на Кавси со пуцање од пола терен. Па уште му ги редат на сталак и пуца шест по ред.. Иначе, многу ми е симптоматична неговата опсесија со семафорот со статистики. Секоја слободна секунда ја користи да глеа у семафор. Веројатно човекот игра за статистика, или едноставно статистиката му е многу битна. Кога имаше 9 асистенции и му фалеше една за трипл дабл, не шутираше од чиста позиција туку опсесивно додаваше само за да дојде до бројчаните одлики.

Како и да е, со среќа во Њујорк :) Публиката во Бостон веќе го испрати “Кралот” во Никси со скандирање (за жал клипот што го снимив од скандирањето не е многу употреблив), а некои поединци имаа направено кастм дресови, Њујорк број 6, Џејмс.

Но да не должам многу, еве ги најдобрите слики и пар клипови кои успеав да ги направам од ТД гарден од гејм 4 и гејм 6.

Градот живее за спорт

На местото на легендарната Бостон Гарден, изградена е новата надградена и проширена ТД Гарден (порано позната како Флит Центар)

Јапанки шо навиваат за Селтикс

Како што знаете, Бостон има 17 титули “светски шампион” и дваесетина повлечени дресови

Во НБА, “н-то” стои за НАЦИОНАЛНА, и по тој повод се пее химна

У публика се среќаваат секакви маици и дресови, помеѓу другото и овој кој што асоцира на филмот Хи гот гејм со Реј Ален и Дензел

(а сеа сликите од боље позиција)

Бостон на загревање

Леброн пуца од пола терен демек фраер јак

Се рипа за топка

Дали знаевте дека Селтикси уведоа плесачици тек у 2007

Најбољата слика што ја фатив на двете утакмици – SHAQ ATTACK! – клик на сликата за голема верзија

а сеа малце видеа:

и за крај да се знае дека сум бил таму :Р

2 COMMENTS

Готово. Заврши и последната серија од втората рунда. Веројатно не како што многумина од нас очекуваа, но сепак, со оглед на тоа каква бизарна серија ни приредија Кавси и Селтикси, среќен сум што нема да гледаме мајсторка. Но, иако серијата заврши, мислам дека таа и тоа што во неа се дешаваше е само почеток на она што сосема незаслужено ќе ги преокупира сите НБА медиуми и ќе фрли сенка врз конференцсиките, а можеби и врз големото финале.

Веројатно последниве неколку дена на сите им дојде преку глава од сите муабети за тоа што им се случило на Кавси и на Леброн посебно, но тоа сигурно ќе продолжи и следниве денови, зачинето со приказните и шпекулациите за она што никој не го знае, а тоа е иднината на Леброн.

Ќе се слушаат разни анализи, зошто го снема Џејмс во последните три средби од серијата со Бостон. Некој ќе се јави со оправдувања како лактот му бил повреден, иако тоа сигурно не е причина за слабата игра.

Ќе чуеме и муабети дека човекот не е победник и дека е себичен лик кој наместо да го споредуваме со Мајкл Џордан, би требало всушност да го споредуваме со Вилт Чембрлен, кој пумпаше неверојатни бројки, но на крај не остави зад себе многу титули.

Некој ќе го обвини Мајк Браун дека е слаб тренер….т.е. сите ќе го обвинат Мајк Браун дека е слаб тренер и нема многу да згрешат. Нормално, ниту за секој неуспех не е целосно виновен тренерот, ниту пак за секој успех се заслужни само играчите, но кај Кавси е евидентно дека се тим без играден било каков офанзивен систем  освен тој да му се даде топката на Леброн па да видиме што ќе се случи. Можеби тоа пали во рег. сезона и против просечни тимови, но против екипи како Орландо и Бостон, како што покажаа и последниве разигрувања, тоа не поминува.

Браун заслужува отказ и тоа е факт, но потребни се и некои други промени.

Менаџментот на Кавси, иако некои го пофалија, не направи нешто многу паметни потези со цел да го опкружи Леброн со квалитетни соиграчи. Шек не беше добра идеја, Мо Вилијамс не е “Пипенот“ кој му треба на Леброн, Џејмисон не е лик кој некогаш играл за плејоф победник, нити лик кој знае сам да креира во нападот…итн…иако некои од нивните играчи се борци, тоа е премалку ако се нема талент за големи серии и големи победи.

На крај малку за Леброн, зошто ова ќе биде последен пат, барем се надевам, дека ќе му се обрати било какво внимание на МакНБА, се додека не заврши плејофот во кој играт ликови кои многу повеќе го заслужија тоа.

Дали ова беше последна негова средба за Кавси? Не знам, како што не знае ни никој друг, па веројатно ни самиот Џејмс. Факт е дека нешто беше труло кај него и Кавси по она газење на Селтикси сред Бостон за 2-1 во серијата. На минатата средба сите викавме дека дигнал раце од тимот, затоа што навистина така делуваше, и според изјавите потоа и според говорот на телото кој покажуваше целосна незаинтересираност. Синоќа беше нешто подобар, но недоволно за да заличи на оној Леброн кој сите го знаеме. Нешто се случува со него, но што никој не знае. И нема да знаеме се додека не се одлучи за својата НБА иднина.

Токму поради тоа викам дека ќе биде уште полошо по ваквиот крај на оваа серија, пред се затоа што медиумите од некои други градови, очајни и гладни за пак да бидат релевантни ќе отекуваат со приказни како Леброн е нивната следна голема ѕвезда. Други ќе најавуваат дека може да оди ваму или таму, додека сите фанови во Кливленд и самиот град ќе бидат најголемо заложници на неговата конечна одлука.

Таквото внимание кон него најмалку го заслужуваат најдобрите четири тима кои останаа да се борат за титулата и затоа, барем на МакНБА,  нема да го тупиме со ЛеБакл…овај, Леброн.

ПС: Барем една ствар беше позитивна за Џејмс синоќа, а тоа е дека за разлика од лани, овој пат после поразот се поздрави со противникот.

2 COMMENTS