Благодарение на NBA League Pass (и на Вуна и Турпис), сезонава гледав најмалку по една средба секој ден, а понекогаш во скратена варијанта (во моја режија) и по неколку средби, во зависност од понудата. Се до денес немав никаква примедба на League Pass, туку напротив, ќе го препорачав на секого…
Всушност, и понатаму го препорачувам на секого, затоа што е најдобриот начин да се следи се што се случува во НБА, од вечер во вечер. Малку сум им лут затоа што сабајлево, за прв пат сезонава, се случи да не можам да видам што се случило претходната вечер. Тоа се уште е случај, што значи дека не го гледав Ол-Старот. Токму поради тоа не ни пишав ништо, во очекување дека работава ќе тргне и дека ќе видам зошто Вејд е МВП, да ги видам свирките на Шакира, Алиша и Ашер. Посебно на првата. Да видам неколку атрактивни куцања, најавите итн…
Но, ништо. А кога нешто немам гледано не сакам да пишувам за тоа. Како што ниедна ТВ кај нас не даваше, па поголемиот број фанови се најдоа во слична ситуација. Ситуација која за жал трае подолго време. А баш убаво, рекордни 108 713 луѓе си уживаа на трибините на стадионот на Каубојси. Можеби тие на погорните нивоа не видоа ништо освен фигури кои се движат на теренот, но на помош го имаа најголемиот HD екран на светот, кој висеше над теренот.
Толку. Ако случајно денес, или утре проработи League Pass, ќе го дополнам овој пост.



