Како прво, Боро, сега јавно, фала друже за пасот за НБА бродбенд, каква ствар, посебно за у кабина.
Сабајлево, колку што бев во можност изгледав делови од сите три средби од синоќа и нормално дека најдолго се задржав на единствената која стварно беше неизвесна до самиот крај и на која атмосферата беше како да се игра во некое европско фудбалско дерби, па можеби и подобра и од тоа.
Додека во Ел-Еј и нивната типична холивудска, лигава летаргија, со нон-стоп покажување на познати фаци кои таму повеќе дошле да се сликаат, отколку да гледаат баскет, Лејкерси рипнаа на 2-0 пред патот за никому омилениот Солт Лејк Сити. Момците на Слоун беа, ама некако како да не беа во игра цело време. Се додека пред крајот Коби не заигра како Коби, иако Јута остава впечаток дека малку им фали да добијат барем една или две во оваа серија. Тоа малку веројатно се вика Мемо Окур, кој е очигледно дека недостига во рекетот.
Не дека Мемо нешто многу време поминува таму, ама со оглед на предноста која во висина ја имаат Лејкерси и тоа дека мора да игра еден Колинс заради тоа, Јута трпи. Посебно трпи и Дерон, кој не може да асистира до осамениот Мемо кога овој ќе се извади на слободно или на па на три. Со тоа би го вадел и Бајнам или Гасол надвор, вака, Јута е оставена на прениските Бузер и Милсеп да се борат со Пау и Бајнам.

За Кливленд и Детроит уште помалку. Пистонси едноствано не можат да се носат со Кавси и ќе биде интересно да се види што ќе се дешава во Детроит. Дали гордата публика и она нивното Deeeeeeetttrrrrrrroooooooooiiiiiittttttt baaaaaaaaaaaasssskkkkkkkkketballlllll барем ќе им донесе една победа. Леброн играше колку треба, што е страшно, но уште пострашно е тоа што Кливленд сега, за разлика од пред година или две е вистински тим.
И на крај Портланд, Брендон Рој и атмосферата во Роуз Гарден. Фантастично. Исто како и нервозниот финиш кој не им даде мира на сите во арената до задњата секунда. Кривец за тоа е Арон Брукс, кој погодуваше од секаде во задњите секунди. Секоја чест за Аделман што имаше храброст да го откачи првиот плеј Алстон на сред сезона и улогата на плеј, иако дечкото многу не игра плеј, да му ја даде целосно на неискусниот Брукс. Како само ги нервираше сите во арената на крај.
Но, не беше доволно за нова победа, а кривец за тоа е Рој, кој покажа што е лидер. Тој и Ламаркус Олдриџ (уште не ми се верува дека Булси се откажаа од него заради Тајрус Томас) за разлика од првата средба ја презедоа одговорноста врз себе кога беше најпотребно, посебно Рој на крајот и уште повеќе ја здивеа и онака дивата публика.
Е сеа, дали оваа победа менува нешто многу кај Рокетси, ќе видиме во Гејм 3. Блејзерси избегнаа дупка од 0-2, а Артест покажа дека и не е некој Рој-Стопер, ко што изјавуваше, плус, неговите луди шутеви за три ама ич не им користат на Рокетси. Јаоза ќе мора да биде подоминантен во следните средби, а истото се однесува и за Скола, чиј дуел со Олдриџ делува дека е клучен за оваа серија. На плеј Блејк не може да се носи со Брукс. А она малоно, Вон Вејфер (а не Валфер, ко што видов негде) бесно едно.
Уствари, Хјустон е страшно чудна екипа која не би можел никако да ја дефинирам. Не е дека имаат некакви шанси да ги изненадат Лејкерси ако ги поминат Блејзерси, ама се чудни. Тотално чудни како тим.
ПС: Честитки за Двајт Хауард – најмладиот Дефанзивец на Годината во историјата на НБА. Ајде сега затвори го тоа рекетот за Сиксерси и натерај ги и другите околу тебе да играат одбрана.
ПС2: И Мајк Браун си доби награда, која искрено јас не би му ја дал, ама, ај ете, најдобар скор, итн, итн…иако некои тренери повеќе ја заслужија.
ПС3: Дикембе го повреди коленото сабајлево, оставајќи ги Рокетси без бек-ап центар. После мечот изјави дека ја завршува кариерата. А беше во цутот на младоста. Штета. Веројатно единствениот играч чиј број на дрес одговара на годините.