Масакр во Њу Орлеанс, грузискиот гангстерот Заза и долго, топло лето за Јута
Posted by Karakash Under Bird, Вејдара, Кобиџилница, Лебронџилница, Легенди, Постови од кабина, Playoff '09 on Tuesday Apr 28, 2009
Кога се уклучив сабајлево на Њу Орлеанс – Денвер, откако ја изгледав победата на Хоукси во Мајами, мислев дека има некоја грешка со скорбордот. 105-55!?!? Задња четвртина!?!? Арената скоро празна. На теренот се резерви, а Карл ги чува Клеиза и Смит кои гио докрајчуваат Хорнетси.
Останав да догледам до крај една единствена причина – коментаторите на НБА ТВ кои се зезаа на сметката на Хорнетси и кои навиваа за Денвер за да можат на своите внуци да им раскажуваат дека ја коментирале средбата со најголема разлика. На крај испадна дека беше изедначен негативниот плејоф рекорд, што значи дека ќе имаат за што да раскажуваат.
Каков пад за Њу Орлеанс. Од тим кој лани се носеше седум средби со шампионот и кој требаше оваа сезона да биде уште подобар, тие станаа смешка. Претходно пишував за сите нивни слабости, ама ова е…немам зборови. Сега одат уште во Денвер каде на две средби беа истабани и стварно не знам со каков ментален склоп ќе влезат на тој дуел. Никој не вика дека се е можно, но ова ќе биде баш чудо ако успеат да се извадат.
Јас, и да сум фан на Хорнетси, не би сакал да ги видам пак дома после она сабајлево.

Во постот за претходниот гаден пораз на Хоукси во Мајами спомнав дека Хит на последните две средби шутираат како Дрим Тим и дека ако тоа не се повтори и ако Хоукси покажат малку енергија и желба да го удвојуваат Вејд и да покријат на тројка кога треба, можат, конечно, да победат една плејоф средба во гости. И бидна. Клучен беше добриот старт.
Мајами направи една серија, ама Хоукси беа паметни и максимално ја успорија играта. Немаше веќе она дрибл, дрибл, дрибл во нападот, топката одеше од човек до човек и иако имаше грешки, тие се исправаа во одбраната. Помогна и добриот скок, предводен од грузискиот гангстер Заза, кој од клупа собра 18 скока на кои додаде и 12 поени.

Нормално, Мајами не шутираше тројки и слободни со ненормален процент како на претходните две и некои фаци како Кук и компанија изиграа како што им доликува. Само Џејмс Џонс матеше вода. Џермејн ОК, Вејд почна да го стига заморот од носење на тимот цела сезона. Делуваше уморно, иако да не беше тој резултатот ќе беше како претходната средба, само во корист на Атланта. Не беше убав меч за гледање, ама убав резултат. Сега можеби и Марвин Вилијамс ќе се врати за Гејм 5.
Клупата на Мајами цели два поени! Вејд 1-8 за три со неколку бунари и за два!

За Лејкерс-Јута, очекувано, само ми фали оној килер инстинкт на Лејкерси. Дали им е досадно кога ќе поведат убедливо па се опуштаат за на крај да им дозволат на противниците да се приближат, не знам, ама мислам дека е тоа нешто со што Зенот ќе се занимава деновиве. За Јута, следува дооолго лето со оглед на тоа дека дури девет играчи можат да станат слободни, меѓу кои и Бузер, Окур, Милсеп и Корвер.

Кој знае, можеби му е доста и на Џери Слоун.
ПС: Иначе, Леброн серијата со Детроит ја заврши со просек од најмалку 30 поени, 10 скокови и 7 асистенции, приклучувајќи им се на Оскар Робертсон и Лери Бирд како единствени со таков ефект во една серија. Чисто онака, да се знае. Знам, знам дека беше против Пистонси.

