Каков луд финиш во Бостон. Пак. Овој пат дедо Ален не дозволи нов шок за шампионот и покрај одличната партија на Бен Гордон, кој даде се од себе Булси да поведат со 2-0. Се надевам дека Дени Ејнџ не ја гледал Гејм 2, зошто тоа би значело враќање во болница за него.
Оваа тројка на Реј значи многу за Бостон, кој лесно можеше да падне во голема дупка пред двете средби во Чикаго. Не дека сега работите изгледаат многу подобро за шампионот, но барем во гости одат со 1-1 и надеж за рибрејк. Ама, за такво нешто да се случи ќе треба да бидат многу подобри од овие задњи две средби, а гледајќи ги не знам дали се способни да се надигруваат со младите Булси.
Нормално, искуството би можело да биде пресудно, но без Гарнет, една од најдобрите одбрани во Лигата е далеку од тој статус. На првата средба Дерик Роуз имаше свое шоу, а на вторава Гордон. И додека од нив двајца може пак да се очекуваат, може не до толку импресивни партии, ама сепак стандардни, не очекувам Глен Дејвис пак да експлодира, можеби Поу или некој друг, кој знае.
Факт е дека за да слави во Чикаго на Бостон му треба Пол Пирс, оној Пирс од ланскиот плејоф кој се носеше рамо до рамо со Џо, Леброн и Коби. До сега Пирс ја спие оваа серија играјќи онака како и што изгледа, како флегма. Некој ќе мора да го разбуди.
И пак, секоја чест за партијата на Рондо, кој некако остана во сенка по 28 поени на Реј во второ и сите оние клач тројки. Рондо на крај имаше 19п., 12ск., 16ас., 5 украдени со само две загубени топки. Од следната сезона во Бостон ќе мора да направат нов слоган: The Big Four.
ПС: Од Спарси и очекував лесно да изедначат на 1-1. Поп не би дозволил Далас два пати по ред да слави сред Аламо. А не дозволи ни Паркер.


