Време е – East is East
Posted by Karakash Under Вејдара, Д-Вајт, Лебронџилница, Пирсинг, East, Playoff '09 on Friday Apr 17, 2009
Некако отсекогаш, па и од кога почнав да следам НБА, се ми почнувало со Истокот. Од првите утакмици, до екипите кои владееја во тоа време, па се до градовите како Бостон, Чикаго, Њујорк и нормално, Хоукси како тим, се тргало од Истокот. Западот го имаше Лос Анџелес или поточно Лејкерси, и тоа е тоа, се останато беа некои мали НБА пазари со понекоја ѕвезда. Западот и денес како да ги има само Лејкерси, (но, факат со многу повеќе ѕвезди), барем како што стојат работите пред стартот на плеј-офот, ама за тоа утре. Денес е време за мојот Исток, кој барем според мене во ништо не е послабата конференција во Лигата.
БОСТОН – ЧИКАГО
Кливленд би бил идеален за старт на најавата, ама сепак шампионот си е шампион, без разлика што по шокот дека Гарнет може да го пропушти цел плеј-оф, од што и Ејнџ го стрефи срчка, верувам дека никој не им дава никаква шанса на Селтикси за ри-пит. А им даваше ли некој пред тоа? Со здрав Кеј-Џи ова би било лесна серија за Бостон, вака, иако читам по нетов дека некои им даваат предност на Булси, Селтикси остануваат фаворити. Сепак зборуваме за тим со шампионски менталитет кој како свој вистински лидер и најдобар играч го има Пол Пирс.

Да, ќе го нема оној интензитет кој со себе го носи еден Гарнет, рикањето, одбраната и мотивирањето на соиграчите, да не зборам за бројките, ама Бостон, барем против Булси тоа може да го надмине. Момците како Лион Поу и Глен Дејвис се научија да играат во први пет, а единствен минус може да биде тоа што наместо Мајки Мур, Селтикси пропуштија да соберат еден од двоецот Дру Гуден – Џо Смит на пазарчето кое на кратко се отвори во март.
И да, тука е Реј Ален да погоди голема тројка и моторчето Рондо, кое ќе биде голем проблем за Чикаго. Без Гарнет се тенчи клупата, но тоа не би требало да биде преголем проблем, ни таа на Булси не е нешто посебно долга, иако има некои интересни имиња.
Булси се млад тим кој си ја спаси сезоната со трејдот со Кингси и кој со сумњив руки тренер за малку не стигна до 6. место на Исток. Можат да изненадат, тоа е факт, посебно кога ќе му фати шутот на Гордон. Рукито на Годината, Роуз е одличен потенцијал, но и на нив им фали еден Луол Денг, кој како играчки, така и со повреди, имаше катастрофална сезона. Салмонс и Милер им се екстра засилувања, а и Кирк Хајнрих од клупа е опасна варијанта. Тајрус Томас, како и син му на Јаник, е сомнително лице и сигурен сум дека уште жалат што за него се откажаа од Ламаркус Олдриџ.
Ги испофалив Булси, ама не верувам дека можат да направат до толку големо изненадување. Бостон иде даље, до каде, ќе видиме. Можеби Вилис Рид “оживее“.
Даље иде: БОСТОН
КЛИВЛЕНД – ДЕТРОИТ
А требаше да биде кратка првата најава. Оваа ќе биде. Колку ли само паднаа Пистонси и како еден трејд, колку и во моментот да делува паметен, може од еден оперативец да направи уште поголемо магаре. Думарс можеби летово уштедува големи пари за Детроит и можеби е најзаслужен за онаа титула, која полека се заборава, иако и други луѓе имаа заслуги тука. Но, по драфтувањето на Дарк-О пред сега веќе се знае кого, трејдот Ајверсон – Билапс станува еден од најглупавите во последните десетина години.

Гордоста на Пистонси ја снема, иако тврдат дека се уште е тука. Го немаат веќе човекот кој ќе погоди кога е најпотребно. Нити човекот кој во основа им беше тренер на теренот. Тој сега е тренер во Денвер. Ајверсон нема ни да игра, човекот не може ни во казино да влезе во Детроит. Но, овде нема место за такви ликови. Шид ќе се обиде да ги запали, РИП ќе погоди понекоја голема топка, Тејшон ќе гине, посебно во одбрана, а и Мекдајс може да одигра како младич. На моменти. Стаки е солиден.
И се тоа им е џабе. Кливленд е подобар тим во секој поглед кој сега има и клупа за разлика од порано, а и знае да одигра и нешто друго освен само се да се сведе на МВП и неговите ненормални квалитети. Да не збориме за домашната арена.
Даље иде: КЛИВЛЕНД
ОРЛАНДО – ФИЛАДЕЛФИЈА
Ќе играат ли Хидо и Луис во првиот меч и колку се здрави уствари и двајцата откако се повредија во најнезгодниот можен момент за Орландо? Орландо, кој и онака последните десетина дена од сезоната имаше голем пад во формата и со киксови против тимови кои не се дел од плеј-офот му дозволија на Бостон да биде втор.

Многу, уствари премногу работи во Дизниленд зависат од овој тандем. Ако не се фит, тешко му на Орландо. Не дека Сиксерси се некој баук, и тие не се во некоја сјајна форма, ама Двајт никако не може сам. Ако се оди според планот, Хидо и Луис се ОК, тогаш Орландо без мака оди понатаму. Но, од друга страна Филаделфија е екипа од која не знаеш што да очекуваш, една вечер одат на 75-80 поени, но веќе следната ете ги преку 100-ка без проблеми. Дре Милер е совршен плеј за тој тим, а Игудала, Тадеус Јанг и Луи Вилијамс се опасни во напад.
Можеби да го имаа и Елтон Бренд, кој со другар му Берон се покажа како една од најлошите инвестиции од минатото лето, ќе беа уште понезгодни, но тоа не е гарант со оглед на слабото вклопување на Елтон на стартот од сезоната кога со него во тим се мачеа и не знаеа дали да трчаат како порано или да играат позициони напади. Испаѓа дека повредата на Бренд им ја спаси сезоната.
И пак на оние – ако. Ако повредите на Хидо и Луис не се сериозни и тие играат од старт, Орландо оди понатаму, иако слабата форма е голема грижа за Рон Џереми. За се повеќе, Двајт мора да биде ѕвер. Секоја вечер.
Даље иде: ОРЛАНДО (ако)
АТЛАНТА – МАЈАМИ
Ко за крај. Јас лично го сакав Мајами во прва рунда, повеќе од Сиксерси и повеќе од Булси. И пишував зошто. Кај Мајами се знае од каде доаѓа опасноста. Точно, Вејд може да здиви (ко да не одигра доста дива сезона), но што правиме со остатокот од тимот. Плеј-офот е сконцентриран на ѕвезди, но за да се победи потребен е тим. Јас во Мајами не гледам некој посебно силен колектив, иако тоа не значи дека заслужуваат сите таму, заедно со Споелстра големи честитки на одличната сезона.

Но, ако Џермејн не доживее некоја ренесанса и ја пронајде Фонтаната на Младоста некаде на Саут Бич, што не верувам дека ќе се случи, ако Бизли не заигра како на колеџ и ако не се повтори Финалето 2006 па судиите на секој меч свират по 98 фаули над Вејд, не гледам како Мајами може да ја помине Атланта. Па макар Вејд имал просек од 40 поени по меч. Да, им се враќа Јудонис и да, ќе биде интересно, но потребен е ментален колапс на Хоукси за да после една деценија и јаче не ја поминат првата рунда.
Атланта ќе гори, како што гореше и лани кога на чудење на сите го отера шампионот до седум средби. Сега се позрели, тоа го покажа и оваа сезона. Го имаат секогаш потценетиот Џо Џонсон, кој сигурно ќе се троши и во одбрана над Вејд, иако за Вејд е потребно цел тим да пази на него, а Атланта за нивна среќа има доволно атлети кои ќе можат да помогнат.
Биби отсекогаш бил сомнителен во одбрана, но никогаш во напад кога се во прашање големи средби. Знае да се заборави со тројки, но и знае да го растерети Џо во напад.
Клупата е ОК, со Флип, Мо Еванс и Заза. Џош Смит кога е мотивиран, а што ќе му поголем мотив од ова, знае да биде статистички ѕвер, иако сезонава е тивок. Можеби најдобра вест е камбекот на Марвин, кој израсна во солиден играч. И да не го забораиме Ал Хорфорд, момакот кој лани не им преќуте ни на Гарнет, ни на Пирс. Хоуски се колектив. Мајами е one man show. Што ќе пресуди? Знам дека сите би сакале да гледаат втора рунда со Леброн и Вејд. Јас не.
Иде даље: АТЛАНТА
Утре – Запад.

