Arizona dreaming
Posted by Karakash Under Aмар-корд, Нештињо, Трејд муабети, Шек Бургер on Saturday Dec 13, 2008Со ден-два закаснување, ај на кратко и за трејдот на Џеј-Рич во Аризона и селидбата на Борче и Бел во Шарлот. Не знам зошто, ама тука, а на доста места и по Нетот видов дека овој потег на Стив Кер е критикуван и Бобкетси се наведени како оние кои добиле повеќе. По која логика некој дошол до овој заклучок, стварно не знам.
Раџа Бел и онака оваа сезона не беше нешто посебно корисен во новиот систем на Санси, па сосема го разбирам и ако навистина побарал да биде трампан. Само што, веројатно не го замислувал тоа вака, со негов премин во еден од најслабите тимови во лигата и најнеинтересните градови во САД. Човекот има 32 години и не е некое засилување за Бобкетси, посебно не ако се очекува да замени некој како Ричардсон. Да, солиден е како дефанзивец и знае да погоди за три, но тоа го знае и Џеј-Рич, кој е многу покомплетен играч од Бел. И тоа во секој поглед. Она поради што дефанзивата на Бел беше ставена на пиедестал во Аризона е фактот дека тој е лимитиран офанзивно, а и секогаш е полесно да се одвоиш ако даваш малку повеќе од себе од соиграчите во одбраната, посебно од остатокот на Санси кои под Бркот не ни играа одбрана.
Што се однесува до Борче, ќе биде интересно да се види како ќе се вклопи под некој како Лери Браун, кој нема многу трпение со ликови како Френчи кои не знаат да направат разлика од тоа кога треба да се шутира, а кога да се асистира. Да не спомнувам дека лани, па и оваа сезона Диао беше разочарување. Уствари, момакот зад себе има само една стварно добра НБА сезона по која си го заработи сегашниот договор (9 мил. за сезонава) и по која се најдоа доста “паметни“ ликови кои се чудеа на одлуката на Атланта да го трампа Борче за Џо Џонсон. Мислам дека до сега сите сфатија кој доби, а кој загуби од тој дил.
Од овој сега барем во моментов делува како Санси да се добитници, и тоа убедливо. Ричардсон е играч кој може да ги шири противничките одбрани и кој заедно со Неш прави опасен бековски тандем. Плус е и тоа што противниците нема да пазат само на Неш во одбраната, него ќе мораат да се занимаваат и со Џеј-Рич.
Овој дил исто така не значи нови промени во Аризона, туку некое завршување на кругот кој Кер го започна лани со трејдот на Мерион за Шек. Разните гласини кои се појавија дека е можен трејд и на Неш или пак Амари ми делуваат стварно детинесто и без никаква основа. Ако Кер направи нешто, тоа ќе биде само донесување некој искусен играч како замена од клупата за Нешти. Или пак замена за Шек, кој и онака често одмара сезонава. Ништо повеќе.
Сега, нормално дека трејдов не ги прави Санси еден од фаворитите на Западот, затоа што барем според мене Западот се уште останува со само еден фаворит и уште осум тима кои ќе се борат за седумте слободни плејоф места.
Ама после ова сигурно ќе биде поинтересно.
Шарлот ко Шарлот, не верувам дека и имаат многу фанови меѓу луѓево кои се дел од МакНБА секој ден. Уствари, тие немаат доволно фанови ни во својот град каде мака мачат да ја наполнат арената. Мајкл уште еднаш покажа дека нема нос за НБА оперативец, освен ако ангажманот на Борче и Бел не е дел од некој план тие да се испратат за два месеци во Њујорк кај нивниот миленик Бркот кој сигурен сум би сакал да ги види во Никси. Исто како и Мерион за кого веќе го понудија Марбери, ама во Мајами не се така луди. Не дека Мерион е некој кој вреди 17 милиони, ама сепак е повреден од еден Стефон, кој зима 20 милиони сезонава.
Само не би сакал да видам некој дил во кој Никси за да дојдат до Борче и да му удоволат на Бркот да се откажат од Дејвид Ли, од кого летово за малку и не се откажаа.
И така, од Феникс и Шарлот, завршивме со Никси.


