07-08 Привју: МЕМФИС – Идеме нагоре…надолу не може
Posted by Karakash Under Најави 2007-08 on Tuesday Oct 30, 2007ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА – ДИВИЗИЈА SOUTHWEST
МЕМФИС ГРИЗЛИС
Сопственик: Мајкл Хајсли
Претседател: Дик Версејс
Генерален менаџер: Крис Волас
Арена: “ФедЕксФорум”, отворена во септември 2004 год.
Капацитет: 18 119 гледачи
Вредност на клубот: 294 мил. долари (18. во лига)
Историја:
Сезони: 11
Плеј-оф пласмани: 3
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 2003-04 со скор 50-32
СЕЗОНА 2006-07:
22 победи и 60 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 101.6 (8.)
Примени поени: 106.4 (29.)
Шут од игра: 46.5% (9.)
Стрелец: П.Гасол 20.8
Скокач: П.Гасол 9.8
Асистент: Д.Стадемаер 4.8
Дојдоа: Дарко Миличиќ (Орландо), Хуан Карлос Наваро и Кејси Џејкобсен (Европа), Мајк Конли џуниор (драфт), Андре Браун (Сиетл)
Заминаа: Александер Џонсон (Мајами), Чаки Еткинс (Денвер), Џејк Цакалидис (Европа), Данте Џонс, Лоренс Робертс и Џуниор Херингтон (слободни)
Прва петорка: (замени)
Мајк Конли џр. (К.Лаури)
Мајк Милер (Т.Кинси)
Руди Геј (К.Џејкобсен)
Пау Гасол (Х.Ворик)
Дарко Миличиќ (С.Свифт)
Тренер: Мајк Ајварони
Анализа:
Гризлиси, кои минатата сезона ја завршија со најслабиот скор во лигата од само 22 победи и дури 60 порази, во новата сезона ќе се обидат тој срам да го остават зад себе. Старт на ремонтот беше ангажманот на нов тренер во Мајк Ајварони од Феникс и на нов генерален менаџер во Крис Волас од Бостон. Тие двајца изминатово лето работеа на тоа да го опкружат со вистинските соиграчи својот прв играч Пау Гасол, кој е целосно заздравен од повредата на ногата поради која лани мораше да пропушти 23 средби.
Прв потег беше драфтувањето на плејот Мајк Конли со својот четврти пик. Тој беше најдобар организатор на играта на својата генерација и неговите квалитети би требале да бидат од голема помош за Пау, но и за второто големо засилување Дарко Миличиќ, кој како слободен дојде од Орландо. Покрај нив двајца, во Мемфис пристигна и добриот пријател на Гасол, Хуан Карлос Наваро, кој ќе ја зголеми конкуренцијата на плеј.
Со тие три имиња се заокружи пазарот на Гризлиси, кои имаат солиден тим покриен на секоја позиција. Мајк Милер е еден од најдобрите шутери во лигата и во комбинација со Руди Геј на “тројка” ќе се обидат да го рашират рекетот за Пау и Дарко, како и за нивните резерви кои наликуваат еден на друг Ворик и Свифт.
Според тоа што го нудат, барем на хартија, Гризлиси би требале да бидат еден од тимовите со најголем напредок сезонава.
Во плеј-оф ќе играат ако…
Иако би требале да бидат тим со најголем напредок, тешко е да се поверува дека Мемфис ќе успее да се избори за некое од последните плеј-оф места на силниот Запад. За тоа да се случи Ајварони треба да има феноменална руки тренерска сезона, истото се однесува и за дебитантите Конли и Наваро, како и за мистеријата наречена Дарко Миличиќ.
Што велат скаутите…
“Конли веројатно ќе биде стартер, но Лаури ќе му го земе местото. Сезонава тие ќе се менуваат на таа позиција”…”Млади се и талентирани и се тим од кој треба да се плашите. Ајварони ќе ги направи поцврсти како тим и ќе им даде идентитет”…”Со Гасол, Дарко, Свифт и Ворик имаат доста високи играчи кои ќе бидат проблем за противниците”…”Мајк Милер е опасен шутер, а Руди Геј напредува со голема брзина”…”Доколку бековската линија има добра сезона и Дејмон Стадемаер пружи нешто од клупата, тие ќе бидат посилни од што многумина сметаат”…”Мислам дека ќе играат брза кошарка, но не во стилот на Феникс затоа што Ајварони е тренер чија специјалност е одбраната”…”Мислам дека ќе го стават Милер на ‘двојка’, Геј на крило и ќе ги ротираат Пау, Дарко, Хаким и остро во рекетот”…”Ворик ќе мора да покаже повеќе кај Ајварони”…”Немаат многу алтернативи во бек и на ниско крило, но можат да бидат големо изненадување сезонава”.
Ѕвезда
Минатата сезона и покрај солидниот просек не беше сезона за паметење за Пау Гасол, кој покрај рехабилитацијата поради која пропушти 23 средби, мораше често да се соочува со постојаните шпекулации за неговата иднина. Многумина сметаа дека тој ова лето ќе ја смени средината, но место тоа во Мемфис се одлучија да продолжат со изградбата на тим врз него донесувајќи неколку квалитетни засилувања.
Гасол со право се смета за еден од најдобрите високи играчи во лигата, а оваа сезона, по доаѓањето на Миличиќ тој би требал да се пресели на својата природна позиција на крилен центар. За очекување е уште една негова сезона од 20-тина поени и десетина скокови.

















