(Текстов кој требаше да оди во новиот број на еСпорт, поради недостиг на простор нема да стигне да го има тоа задоволство да види печатница и колор хартија. Да не биде да оиде во бунар, еве му шанса да види хтмл кодови и како е фино на МакНБА. Можеби е малце аут оф дејт, поради тоа што се занимава со примитивниот потег на еден наш клуб по поразот во финалето на Купот, но не можев да го оставам туку-така да загине).
Нема ништо лошо во тоа кога сте мал да посакувате да бидете голем. Напротив, тоа е нормална цел кон која секој од нас се стремел некогаш. Само што многумина сакаат да го прерипаат тој процес на растење и веднаш да станат големи.
“ГолеМал” е слоган на една реномирана компанија за производство на автомобили која не ни сонувала како нивниот слоган одлично се вклопува во одредени прилики во македонскиот спорт, во овој случај – кошарката.
Само една вечер и еден непромислен потег беа доволни клубот кој беше најпријатно изненадување оваа сезона да го фрли во вода процесот на растење кој им одеше во правилна насока и уште еднаш да докаже дека не се расте преку ноќ.
Раководството и играчите на КК Струмица 2005 цела сезона се удираа во гради дека се најдобро организираниот и најстабилен наш клуб, а тоа и во најголем дел од средбите од “Космофон” лигата и го докажуваа, стигајќи заслужено до првото место пред стартот на плејофот. Но, Битола и финалето на Купот на Македонија фрлија дамка на тие нивни добри резултати. Дамка која ќе треба да се изнамачат да ја избришат, зошто за тоа нема да бидат доволни извинувањата објавени по медиумите.
Струмичани барем можат да се “пофалат” со тоа дека во нешто се први во македонската кошарка, но тешко дека тоа ќе биде нешто со што во иднина ќе се гордеат. По поразот во финалето од Вардар О., кој сосема заслужено го освои својот прв куп трофеј, играчите и стручниот штаб на Струмица одлучија дека настан како завршната церемонија на Купот на Македонија не го заслужува нивното присуство и прославата на која требаа да ги примат своите сребрени медали остана без нив. И уште еднаш, по кој знае кој пат на екипите кои губат, виновни за нивниот личен неуспех да стигнат до победа им беа судиите (не дека тие беа сјајни, но слабото судење е проблем со кој се соочуваат сите екипи, а не само Струмица).
Струмичани фрлија дамка врз финалниот фајналејт турнир во Битола, но всушност тие фрлија дамка врз самите себе. Воопшто да не ги спомнуваме нивните т.н. “навивачи” – “Ајдуци” кои со својата примитивност и дивјачко однесување само го надополнија срамот на спортскиот град Струмица.
Голем не се станува само со победување или извинување за своите грешки. Голем се станува со јуначко прифаќање на поразот како составен дел од играта и како составен дел од процесот на растење. Голем не може да биде некој кој не знае чесно да пружи рака по поразот и да ја честита победата на противникот. Голем не се станува само со обезбедување финансиски средства и купување на играчи и тренери од странство, за тоа се потребни години пот, крв и солзи. Токму тие пот, крв и солзи ќе ве научат кога ќе пораснете да знаете со с$ срце да му се радувате на секој трофеј и на секој нов супех.
Како кошаркарси фанови ни останува да се надеваме дека ова ќе биде голема лекција од која Струмица ќе го извлече најдоброто, зошто нема малку примери на кратокорочни проекти во скорешната наша историја кои пропаднале токму поради желбата веднаш да станат големи. Тоа најдобро го знаат баскет фановите во Кочани, Велес, Кавадарци, па и Куманово.
Сега на Струмица е да докаже дека е поголема од сиов овој срам и на македонската кошарка да и ја подари толку потребната нова стабилна база (покрај Скопје) која ќе значи само подобра кошарка и поквалитетни средби за сите нас.