(Ова е најава која денеска ја пишував за во весник. Искрено, пишувањето на оваа тема за во весник и нешто слично (заедно со др. работи) за идниот број на еСпорт ми го прави мрско правењето посебна најава само за МакНБА. Но, тоа и не е толку страшно затоа што овој текст во основа е моја прогноза за првата рунда. И тоа литературно напишан. Имате слобода во коментарите да си додадете по нешто ваше за секоја серија посебно. И тaka.)
ИСТОК
(1)Детроит – (8)Орландо
Во текот на сезоната: 4-0
Пистонси се тимот кој со најмалку промени во формата ја одигра сезоната на Истокот и целосно заслужено стигна до својата шеста сезона по ред со најмалку 50 победи. Детроит покрај фондот на проверени и докажани играчи, го има она што на Орландо очајно му недостасува, а тоа е искуството на играње во плеј-офот. Никој од сегашниот тим, со исклучок на тогаш повредениот Грент Хил, не беше дел од последниот плеј-оф настап на “магичните” 2003 година кога тие исто така во првата рунда со 1-3 беа елимирани од Детроит.
Орландо има млад тим предводен од Двајт Хауард кој можеби ќе успее малку да ги замори Пистонси, но тешко е за верување дека ќе успее да стигне до една победа, па можеби ни до неа.
(2)Кливленд – (7)Вашингтон
Во текот на сезоната: 2-1
Веројатно најлесниот дуел за прогнозирање поради драстично ослабените Визардси кои се без своите двајца претставници на Ол-старот сезонава, Аринас и Батлер. Кога минатата година истите два тима се сретнаа во првата рунда, добивме крајно возбудлива серија во која Леброн Џејмс и Аринас имаа неколку големи дуели. Овој пат, Леброн е осамен и би требал без никакви проблеми и замор да ги однесе Кавси во втората рунда. Големо чудо ќе биде доколку Вашингтон успее да стигне и до една единствена победа.
(3)Торонто – (6)Њу Џерси
Во текот на сезоната: 2-2
Заедно со дуелот на Булси и Мајами, двобојот на Нетси и Репторси е еден од најтешките за типување во првата рунда. Доколку Торонто продолжи со стилот на игра од регуларниот дел на сезоната и преку својата прва ѕвезда Крис Бош ја наметне својата игра, тогаш Репторси би требале да бидат дел од втората рунда. Но, доколку неискуството кога станува збор за разигрувањето биде еден од главните фактори во оваа серија, тогаш Нетси и тоа како ќе ја имаат својата шанса.
Винс Картер сигурно ќе има посебни мотиви во дуелот против тимот во кој стана НБА ѕвезда.
Со оглед на тоа дека составот на Сем Мичел има поголем број на квалитетни играчи, Торонто на крајот би требал да излезе како победник, но Картер и Кид на другата страна ќе се обидат да направат с$ што е во нивна моќ да спречат таков развој на настаните.
(4)Мајами – (5)Чикаго
Во текот на сезоната: 1-3
Откако сосема неочекувано минатата година на подоцнежниот шампион Мајами како аутсајдер му зададоа доста маки во првата рунда, Булси оваа година според многумина ќе ја имаат улогата на фаворит. Во прилог им оди и предноста на домашниот терен поради подобриот скор (49-33) од тој на Хит (44-38).
Сепак, колку и да се Булси помлади и побрзи од Мајами и колку и да е добра нивната одбрана, шампионот е тој кој ќе се прашува околу патникот во следната рунда. Доколку Двејн Вејд ги надмине проблемите со рамото и коленото и Шекил О’Нил продолжи во стилот во кој ја одигра втората половина од сезоната, тогаш Чикаго ќе се намачи да ја добие оваа серија. На крајот, овој дуел веројатно ќе зависи од тоа колку Вејд е способен повторно да го носи Мајами кон финалето, овој пат со поголема помош од Шек.
Допуна: (Кирк Хајнрих денеска изјавува по весници: “We feel we should’ve won last year’s series, honestly. We felt we should’ve won Game 5. So we’re confident. It’s a team we’re familiar with.”
Нормално, Шек не останува покус и му враќа: – ”They want to make it a rivalry. It’s not. Not on our end. Do something to make it a rivalry. Whatever FM they can conjure up to play — fake motivation — that’s on them. But they’ve asked for us. And here we come.”
ЗАПАД
(1)Далас – (8) Голден Стејт
Во текот на сезоната: 0-3
Медиумски оваа серија секако е една од најинтересните. Што поради повторниот дуел на Дон Нелсон и неговиот екс-клуб и ученик Ејвори Џонсон, што поради фактот дека Вориорси сезонската серија ја добија со 3-0 и што поради еуфоријата која владее во Оукленд по прекинувањето на најдолгиот плеј-оф пост во лигата од 12 години без разигрување.
Сепак, кога подобро ќе се погледне, плеј-искуството на Мавси и нивната избалансирана игра во нападот им се сосема доволни без поголеми проблеми да ги минат Вориорси. Голден Стејт игра без центар и одбраната, како и кај секој тим на Нелсон во минатото, е само фантазија. Тоа ќе му одговара на Далас кој знае како да ги искористи тие дупки, но Дирк Новицки и дружината не смеат да си дозволат да им дозволат премногу простор на Вориорси кои тоа добро знаат да го искористат.
За очекување е возбудлива серија која со сериозен пристап на Мавси не би требала да трае подолго од пет средби.
(2) Феникс – (7)Лејкерс
Bо текот на сезоната: 3-1
Мајк Д’Антони и Санси се убедени дека со својот брз и атрактивен стил на игра можат да ја освојат титулата, а исто како и лани, прва пречка на тој пат им се Лејкерси. Откако лани ја одиграа највозбудливата серија во првото коло, овој пат работите стојат малку поинаки за двата тима. Лејкерси во плеј-офот пак влегоа во последните неколку дена, а серијата лоши резултати во последните два месеци сигурно дека не влијае позитивно врз нив. На другата страна Феникс пак го има на располагање Амари Стадемаер, кој одлично се врати по операциите на двете колена последниве две години.
Лејкерси го имаат Коби Брајант кој е најопасниот играч во ова разигрување, но тешко дека тој може сам да им донесе чудо. Санси се предобро покриени на клучните позиции и го имаат двократниот МВП Стив Неш, кој обично одлично се снаоѓа против Лејкерси, за да имаат поголеми проблеми во првата рунда.
(3)Сан Антонио – (6)Денвер
Во текот на сезоната: 2-1
Две екипи кои се чиста спротивност. Од стилот на игра, до типот на ѕвезди кои ги предводат. Додека Сан Антонио има една од најдобрите одбрани во лигата, Денвер и не може баш да се пофали со тоа дека игра одбрана, но затоа може да се пофали со еден од најопасните напади во лигата. Скромниот Тим Данкан е лидер на Спарси и околу него се гради доста спората игра на тимот, додека Кармело Ентони и Ален Ајверсон се лидерите на брзите Нагетси. Во два од нивните три овосезонски дуели Спарси покажаа дека можат да го сопрат нападот на Денвер, така да во тој стил веројатно ќе продолжат и во разигрувањето. Мело и Ајверсон можат да им направат проблеми, но не толкави за да ги изненадат во првата рунда.
(4)Јута – (5)Хјустон
Во текот на сезоната: 3-1
И тука како и кај Мајами и Чикаго, петиот тим поради подобриот скор ја има предноста на средба повеќе дома. Таа предност во ваква серија би требала да се покаже како клучна и да им ја донесе втората рунда на Рокетси. Тандемот Мекгрејди – Јао е еден од најдобрите во лигата на кој Јута ќе гледа да одговори со своето ударно трио Бузер – Вилијамс – Окур. Интересна серија која лесно може да се решава во последната средба, иако за очекување е да нема многу кошеви.