The Big Shamrock by Jovvv
Posted by Karakash Under Јован Бошков, Вејдара, Лебронџилница, Пирсинг, Рондомониум, Шек Бургер, THE BENCH on Thursday Aug 5, 2010Кога деновиве ги прочитав првите најави дека Шекил ќе доаѓа во Бостон, се надевав дека се работи за шпекулација, за несериозна работа. Меѓутоа, кога синоќа пред очите се појави веста дека Шек потпишал двегодишен договор, низ главата ми помина само едно разочарувачко “НЕ!!! само не Шек, не дедото Шек, не сенката на Шек, не Шек чиј дрес за година-две ќе виси на кровот од салата на најголемиот ривал…”. Си легнав со милион комбинации во главата и со утехата која ми ја даде старата изрека “утрото е поумно од вечерта”
Пред десет години оваа вест ќе беше “бомба” (плус, Лејкерс немаше ни да го помирисаат 3peat-от), пред пет години веста ќе беше блиску до сензација (а Вејд оваа есен, заедно со Леброн и Бош, ќе го почнеше патот кон првата титула).
Денес, иако Шекил е бледа сенка од играчот кој доминираше под кошевите во минатата и почетокот на оваа деценија (што е нормално за играч кој има 38 години), оваа вест e headliner и барем за кратко го стави Бостон во преден план, пред циркусот од Мајами.
Многумина, вклучувајќи ме и мене, се прашуваат дали е ова паметен потег на Селтикс. Јас (и покрај синоќешната негативна реакција) се обидов да гледам позитивно на оваа работа. За почеток, тргнав од самите Селтикс. Од доаѓањето на Док на клупата, формирањето на “Big Three”, Селтикс го потенцираат заедништвото и тимската хемија, која зедно со колективната одбрана им донесе една титула и уште едно финале во изминатите три години.
Објективно, Шекил сеуште е еден од подобрите одбрамбени играчи во рекетот. Можеби ја нема брзината и подвижноста од минатото, но неговата физичка големина му овозможува без проблем да се носи со останатите високи играчи од лигата. Она што сите го потенцираа уште при неговото доаѓање во Кливленд, е неговата катастрофална одбрана на противничкиот pick-n-roll, нешто што, на пример, Перкинс го прави одлично.
Но, мора да се има во предвид дека ниту во Феникс, ниту во Кливленд, Шек не беше опкружен од играчи кои играат квалитетна колективна одбрана и кои добро го затвараат рекетот. Во Бостон, тој ќе има голема помош од соиграчите, посебно од Гарнет. Мене повеќе ме загрижува тоа што на клупата повеќе го нема Тим Тибодо, но се надевам дека Лоренс Френк добро ќе ја заврши работата.
Второто прашање е околу хемијата на екипата. Многумина мислат дека големото его на Шекил нема да се задоволи со старт од клупата и намалена минутажа. Меѓутоа, самиот факт што потпиша минимален договор од отприлика 1.4 милиони долари по сезона, како и неговите изјави дека сака петти и шести прстен на раката, доволно ми зборува дека Шекил е решен да се стави во служба на системот на Док и на Селтикс, кој најголемо значење му дава на заедништвото во соблекувалната и на теренот. Сигурен сум дека Док и искусните играчи на Селтикс нема да дозволат еден играч да ја наруши таа хемија, без разлика колкаво било неговото его.
Факт е дека во Бостон очајно фалеше висок играч. Најпрво, заради тоа што Селтикс беа едни од најслабите скокачки екипи во лигата, а второ, таа слабост посебно се покажа клучна во седмиот натпревар од финалето, кога Лејкерс тотално ги натскокаа, и успеаа со скоковите да го покријат лошиот шут од поле и на крај да дојдат до конечна победа.
Шекил сигурно ќе им донесе повеќе скокови и поголема сигурност во рекетот. Перкинс ќе го нема до јануари, а и прашање е како ќе изгледа после таква тешка повреда и долг период на рехабилитација, Рашид е во пензија (иако се шпекулира дека ќе се врати за уште една сезона), Џермејн и Гарнет имат “расклимани” колена, така да мислам дека Шекил ќе биде многу корисен во ротацијата на високите играчи на Селтикс, а и ќе го растовари Гарнет од минути и лични грешки.
Ако Рашид сепак се реши да се врати, со Гарнет, Шекил, Big Baby Дејвис, Перкинс (од јануари), Семих Ерден(!?), Селтикс дефинитивно ќе имаат најмоќна линија под кошот во споредба со сите екипи од Истокот, линија спремна да му се спористави на таа на Лејкерс.
Се поставуваат прашања и во однос на нападот. Многумина мислат дека Шекил со својата статичност ќе му го затврои рекетот на Рондо и дека ќе му оневозможи да ги реализира неговите брзи влезови во рекетот. Оваа ситуација е доста реална ако се зема во предвид дека Шекил не е многу подвижен и најудобно се чувствува блиску, на метар-два од кошот.
Меѓутоа од друга страна, Шекил на Бостон му дава една офанзивна опција плус. Тој сеуште е солиден во нападот, економичен, не троши многу топки, па и покрај тоа што неговиот процент на поени се намалува од година во година, сепак тоа го прави со висок процент на реализација.
Се прават и низа комбинации, кој ќе стартува, дали Шекил може да игра со Џермејн, како ќе функционира одбраната ако во иста екипа е “врската од LSU”: Шекил – Big Baby. Селтикс имаат десет месеци да најдат решение за Шек, за тоа како ќе функционира во плејофот, да ја дефинираат неговата улога. Во Бостон нема многу да се замараат со статистиките од дуелите против Мајами, Орландо, Лејкерс во регуларниот дел од сезоната. За нив важно ќе биде да се дефинираат улогите, да се задржи и зајакне хемијата во екипата и подготвени и здрави (тоа ќе биде исто прашање плус, со оглед на годините на дел од играчите и нивната историја на повреди) да го дочекаат плејофот.
Тие се ветеранска екипа, знаат дека вистинската кошарка се игра во плејофот. Тоа го покажаа и лани.
За крај, Бостон е повторно во центарот на вниманието. Можам само да замислам колку ќе биде забавно во соблекувалната на Селтикс, на тренинзите, па и на натпреварите кога во иста екипа имаш играчи како Шек, Big baby, Нејт.
Она што повеќе ме интересира е играта на теренот. Мислам дека Селтикс изгледаат солидно, со уште еден играч плус (ако Рашид не се врати), имаат ростер спремен повторно во јуни да игра за трофејот. Како што изјави Рондо, Хит изгледаат добро на хартија, но немаат одиграно ниту еден натпревар. Вистинската пречка до трофејот се Лејкерс, кои изгледаат дури и подобро од минатата година. Тие се вистинската, најголемата пречка која треба да се помине до осумнаесеттиот трофеј.
За Шекил, тоа би требало да биде повеќе од доволна мотивација.

















