Пред почетокот на оваа сезона, а потоа и начинот на кој таа се одвиваше, не мислев дека двете екипи кои ќе играат баскет во јуни ќе бидат Мајами и Далас. Причини за тоа има неколку. Ај да почнам од Мајами…

Армагедон летото лани значеше дека НБА никогаш повеќе нема да биде иста. Тоа е сосема нормално кога два суперстара, кои се меѓу Топ 10 во лигата и во зенитот на својата сила, ќе одлучат да заиграат еден покрај друг со заедничка цел – освојување на што е можно повеќе НБА титули. Кога на тоа ќе се додаде и убедувањето на третиот ол-стар да им се приклучи во таа мисија, играч кој во никој случај не е Топ 10, но веројатно е во Топ 20, сосема е јасно зошто според многумина тие тројца направија своевидна мала револуција.
Е сега, за таа револуција да биде комплетна, ќе треба да се исполни нивното ветување не за едно, не за две, не за три, не за четири, туку за којзнае колку титули.
Кога ќе се собере такво соѕвездие, на кое беа додадени и уште неколку солидни елементи како поддршка, сосема е нормално очекувањата од првата секунда од сезоната да бидат огромни и такви што ретко кој би можел да ги исполни.

Сите бевме сведоци на првата текма на новиот Мајами, кога налетаа на Селтикси сред Бостон во ситуација во која сите кои не беа за Хит гореа од желба да видат како Мајами губи со Вејд, Леброн и Бош во тимот. Тоа се случи, но баш таа текма ни даде знак дека работите можат да профункционираат на Флорида и експериментот на Залижаниот да успее.
Колку и Бостон да даваше се од себе да им одржи лекција на момците кои заиграа заедно за да им се одмаздат во плеј-офот и да го преземат нивниот трон на Истокот, како се ближеше крајот стануваше евидентно дека оваа екипа на Мајами е опасна. Страшно опасна. Иако не изиграа ништо посебно, тие во последните неколку минути со добра игра на Леброн (а многу слаба на Вејд) се ставија во ситуација да се борат за продолжение. Тоа не се случи, но беше јасно дека ако сакаш да ги победиш, ќе мораш да направиш добра разлика во првите три четвртини.
Како што течеше сезоната Мајами поминуваше низ вообичаените детски болести за една нова екипа, со скокови и падови во формата. Врв на сеирот беа поразите во текмите во кои имаа двоцифрена предност дома, како што беше таа со Јута. Тогаш скоро сите ги отпишаа и почна да се шушка за симнување на Залижаниот на клупата, на местото на изгубениот Спо.

Леброн се однесуваше идиотски на моменти, Вејд бараше трпение, а Бош само уште повеќе го навлече на себе сеирот со изјавите дека Спо не треба толку да ги притиска, дека треба да се опуштат.
Тогаш никој не мислеше дека можат до финале, посебно не преку расположениот Бостон, кој растураше во првите неколку месеци. Двете победи над Лејкерси покажаа дека го имаат квалитет за големи нешта, но бројните киксови против екипи кои мораа да ги победат укажуваа на тоа дека има уште работа за нив.
И потоа се случија последните два месеци од регуларниот дел. Старците од Бостон почнаа да паѓаат, Чикаго почна да се дига на Истокот, а за Мајами се отвори можноста да го лапнат второто место. Тоа и се деси, а со своите партии Вејд и пред се Леброн, почнаа да ја плашат конкуренцијата.
Филаделфија во првата рунда не беше никаков предизвик, иако момците на Даг Колинс се бореа типично за еден тим на кој тој е тренер.

Потоа дојде она што сите го чекавме, но на крај не го добивме посакуваниот спектакл. Бостон падна во пет текми. Повредите играа улога кај Селтикси, но ѕверските партии на Леброн, Вејд и понекоја на Бош беа премногу за Бостон. Штафетата премина на Флорида.
Чикаго ги изненади сите со првото место на Истокот, а потоа и со пласманот во конф. финале по полесниот пат во кој не мораа да се сретнат со Бостон или Мајами. Но, освен на првата средба на која одиграа максимално добро, во другите од серијата стана јасно дека Роуз како осамен лидер нема да може да застане на патот на Лебронтије, Вејд и нивната дружба.
Сега пред нас е големото финале, второ и за Вејд и за Леброн, но Двејн го има она што Леброн го посакува и до кое е решен конечно да стигне по годините доаѓање блиску до него.
Ќе можат ли Диркулес и Мавси да им застанат на тој пат?
ПС: Тоа што Вејд и Леброн одлучија да играат заедно, а и Бош да им се придружи, секако дека е нешто што на голем број НБА фанови не им е по ќеф. Посебно на оние кои одамна не се тинејџери и кои се навикнати да следат НБА лига во која повеќето екипи имаат свој The Man. Во Мајами свесно отидоа контра тоа правило. НБА, како и се живо, се менува, дали тоа ни се свиѓало на нас или не, Леброн, Вејд и Бош ги заболе. Факт е дека засекогаш ќе се паметат по летото 2010., но освојувањето титули е вистинскиот лек за тоа.