All-Star ’11 – Толку од дечиштата
Posted by Karakash Under All Star 2011, Видео, Грифиндор on Saturday Feb 19, 2011Поради технички причини (немање нет) МакНБА ја немаше со пост цел ден вчера, така да изостана загревањето за Ол-Старот. Тоа ќе се надокнади денес, доколку вишите сили дозволат.
За среќа, сабајлево се играше само Руки – Софморс дуелот, кој со себе не носи никаква посебност. Искрено, никогаш не ми бил ни посебно интересен за гледање, па често се сведувал на гледање хајлајтси сабајлечки од најактрактивните потези.
Мислам дека има многу подобри начини, како на пример со спиење, да се помине перидот од три до пет-шест сабајле, отколку да се блее во ТВ или комп. и да се гледа како група млади, неизделкани нба играчи (со чест за ретките исклучоци), се обидуваат да изведат атракција.
Средбите без концепција, во која ретко кој се труди да игра кошарка, никогаш не ми биле омилени, а кулминација на тоа е Руки-Софмор текмата.
Така, ете го Грифиндор со една од 22 асистенции на Џон Вол, како најдобар, барем за мене, потег на таа текма.
Кога Мајкл и Доминик владееја со светот
Posted by Karakash Under All-Star, Dominique, Видео, Легенди, MJ23 on Thursday Feb 17, 2011Најголемиот натпревар во куцање на сите времиња. Ми текнува кога го гледав ова на лоша ВХС снимка и се прашувев – Кои се овие вонземјани, кои имаат иста топка за каква што знаевме ние и летаа кон кошеви слични на оние што ги имавме кај нас, во арена каква што до сега немавме видено?
Најголем dunk contest на многу нивоа. Од Доминик и Мајкл, кои тогаш според многумина беа најдобри куцачи на светот, но не само куцачи, него ол-стар играчи и вистински НБА ѕвезди кои потоа тимот на Истокот го предводеа во победата над Западот. Башка, едни од најдобрите стрелци во тој период во НБА.
Не им беше блам да учествуваат на натпревар во куцање, не, тоа за нив беше престиж. Дадоа се од себе, а на крајот и самиот Мајкл си кажа дека домашниот терен му донел мала предност над Ник.
Dunk contest кој формираше цели баскет генерации и кој засекогаш ќе остане запаметен како најдобар на сите времиња. Можеби имаше (една) подобри индивидуални куцања од еден играч, но никој не се доближи до вечерта во која Мајкл и Доминик владееја со светот.
ПС: Човече, ова било пред цели 23 години. Кое старо магаре сум јас.
Мајкл во малку чудно друштво. Знам, Реџи, Лери и Марк Прајс се тука, но сепак.
Ова само како потсетник за сите што го знаат Мајкл како дел од натпреварите во куцање. Типот пуцаше и тројки, не нешто посебно успешно, и на Ол-Старот пред 21 година.
Кога сме кај годините, тогаш Мајкл имаше 27. Денеска. Баш денеска, МЈ полни 48 години.
Среќен роденден за G.O.A.T.
Една од моите омилени (непознати) Ол-Стар фотки. Меџик и Ајзеа, два лика кои беа страшни ривали на теренот во втората половина на 80-те. Ривали, но и пријатели додека беа играчи, нешто што малку се смени при крајот на кариерите и на едниот и на другиот.
Ова се и омилените мои Ол-Стар дресови. Имаше и варијација на црвениве во сини, кои исто така не беа лоши по што дојде ерата дизајнирање бизарни креации, па играње во клупски дресови, до сегашните дизајни на Адидас, кои оваа година веруваат дека ќе бидат најбизарни до сега.
ПС: Се уште не можам да сконтам што му е толку смешно на Меџик.
All-Star 2011 на МТВ. Полн пансион.
Posted by Karakash Under All Star 2011, Вејдара, Лебронџилница on Wednesday Feb 16, 2011Од информација од прва рака, МТВ би требало да ги пренесува сите три вечери од претстојниот Ол-Стар викенд во Лос Анџелес. Значи, од петок вечер до понеделник наутро нема спиење. Е сеа, нормално, кога МТВ, или било која наша ТВ е во прашање, секоја информација треба да се прими со резерва, зошто лесно може да се случи “проблем со трасата“.
ПС: Не случајно ја избрав баш оваа фотка од лани од Далас, која дури сега приметив колкаво значење носеше во себе. Тогаш никој не ја сфати озбилно, исто како и некои изјави на Вејд дека со Леброн можат да создадат династија. Ова лето се ни стана јасно и сега момците не играат заедно само во Ол-стар тимот на Истокот.






