FIBA WC – Where Durantula Rules The World
Posted by Karakash Under Дурентула, СП 2010 on Monday Sep 13, 2010Го немаа комплетниот состав кој го освои златото во Пекинг пред две години. Ги немаа Коби, Леброн, Вејд, Мело, Двајт, Пол, Дерон и Бош. Имаа еден единствен вистински центар во тимот, а и тој немаше некоја посебна минутажа. Имаа четири плејмејкери од кои двајца само имаат квалитетен шут за три. Имаа само двајца искусни и проверени играчи во тимот. Имаа стартно ниско крило кое всушност е “двојка“ која за жива глава не знае да погоди тројка. За сите ова е само вториот, резервен тим на САД.
Ја немаа вообичаената улога на главни фаворити пред стартот на СП. За многумина таков тим, кој се составува набрзина, кој е воглавном млад, кој е хендикепиран кога е центарската позиција во прашање и кој има само еден единствен докажан НБА стрелец тешко може до златото на едно светско. Па дури и ако на тоа светско нема ликови како Пау Гасол, Калдерон, Ману, Носиони, Дирк, Окур…
Но, Америте на патот до првата титула по пауза од 16 години го имаа она најважното. Она што никој друг го немаше на овој турнир и како што стојат работите, тешко дека ќе го има и во иднина.
Кевин Дурент, по освојувањето на огромен број на НБА фанови минатата сезона со својата игра летово го освои и светот. Со само 21 година дечкото оствари рекордни 22.8 поени во просек на едно светско, што е all-time рекорд за Американците и просек од фантастични 33.0 поени во последните три средби од турнирот, кога и се одлучуваше тоа кој ќе биде шампион.
Можеби и вака составениот тим на САД е вистинската формула за нив како треба да се оди на едно светско или ОИ. Иако не верувам дека најголемите ѕвезди, а и спонзорите би сакале да се сложат на таква идеја и за ОИ во Лондон за две години. Еден вистински суперстар, двајца докажани ветерани и млад тим кој е максимално подготвен физички да гине во одбраната и да трча во нападот на секоја можност за контра.
На крај, Америте уште еднаш на светот му покажаа кој е најдобар, а со оглед на тоа дека нивните најголеми ѕвезди се речиси сите во своите 20-ти години, тешко дека некој ќе им се испречи на патот на доминацијата. Нормално, се додека тие суперѕвезди сакаат да жртвуваат дел од летото за својата земја.
“Жртва“ која најмногу му се исплатеше токму на Дурентула и неговите соиграчи ова лето.






















