Birds Flying High…или Атланта Привју
Posted by Karakash Under Најави 2009-2010, Привју 09 on Saturday Nov 14, 2009Не дека чекав на победата синоќа сред Бостон за да пишам привју за Хоукси, ама работите убаво си се поклопија. Момците на Вудсон ги гледам од стартната победа сезонава дома над Индијана и уште од старт ме убедија во она што го мислев – дека ова е најдобриот тим, од аспект на талент кој Атланта го имала во последните 20 години.
Се си е на место и единствено што може да ги спречи да се убацат во Топ 3 на Истокот ќе биде од ментална природа (или повреди). Баш тој можен проблем мислев дека ќе им се испречи синоќа на патот до победата во Бостон, ама ме демантираа. И тоа во голем стил. Со зрела игра од самиот старт, со доминација во скокот, посебно офанзивниот, во поените од контра и во негубењето глава кога Селтикси правеа серии за да им се приближат.
Разликата во овој тим и оној кој лани беше исплескан во втора рунда од Кавси е во тоа што Хоукси сега имаат вистински убиец од клупата во Џамал Крафорд, кој за сега се покажува како вистински потег добиен за ништо. Ако продолжи Џамал вака, ништо чудно да биде Најдобар шести. Токму ваква фаца им фалеше на Хоукси лани кога се губеа кога се менуваа петорките на теренот.
До сега се гледа неговиот целосен талент, а момакот не си е крив за релативно лошиот имиџ кој го имаше до сега. Не е тој крив што до сега во кариерата не играл за сериозен тим со јасна цел и со солиден тренер. Не е Џамал крив што си имал работа со Тим Флојд во Чикаго или пак не дај Боже со Ајзеа Томас во ТитаНикси и Дон Нелсон во Оукленд.
Второ големо засилување ова лето е Џо Смит, кој им го дава оној ветерански шмек и смиреност. Како замена во рекетот Џо е одличен до сега.
Во моменталниот одличен старт на Атланта голем удел има и сменетиот ментален пристап на Џош Смит, кој сезонава нема ниеден шут за три, што е вистинско изненадување. Џош се сконцентрира на одбраната и рекетот каде заедно со Хорфорд прави екстра скокачко-блокерски тандем.
Џонсон се води како лидер на овој тим и тоа ќе мора да го докажува сезонава, а посебно во плејофот. За сега добро му оди. Сличен третман има и Биби на кого сега му е многу полесно кога го има Крафорд покрај себе па на моменти има и петорка на теренот со Биби, Џонсон и Џамал.
Од Марвин очекувам напредок кој не го гледам за сега.
Рукито Џеф Тиг е потенцијал и може да биде од голема корист.
На крај. многу ќе зависи од и од вештината на Вудсон да извади максимум од овие момци. Ако не го направи тоа, тогаш сигурно ќе лета следното лето, како вистински јастреб.















