Со победата против Грузија, нашата кошаркарска репрезентација се пласираше во четврт-финалето на Европското Првенство кое овие денови се игра во Литванија, и со тоа го постигна најголемиот успех на македонската репрезентативна кошарка. Пласманот во четврт-финале значи дека Македонија е меѓу осумте најдобри репрезентации на Европското првенство. Ова претпоставувам дека сите го знаете.
Во продолжение следи кратка анализа на неколкуте варијанти и ситуации во кои може да се најде нашата кошаркарска репрезентација.
Според правилата, понатаму, во четврт-финале одат првопласираните четири репрезентации од двете новоформирани групи (Е и Ф). Според моменталниот учинок, од нашата група тоа ќе бидат Македонија, Русија, Грција и Словенија. Шансите за Грузија и Финска се минимални, би рекол, само теоретски.
Што се однесува до другата група, онаа од која ќе го добиеме противникот во четврт-финалето, најверојатно понатаму ќе одат: Франција, Шпанија, Литванија и Србија или Турција. За последниот патник, за четвртото место, блага предност им давам на Србите, иако во моментов Турција на табелата е едно место пред Србија. Од оваа група испаѓаат: Германија заедно со Турција или Србија.
За полесно да се разбере понатамошниот тек на натрепварувањето, ќе разгледаме еден конкретен пример, во кој ќе формираме четвртфинални двојки според моменталниот пласман на репрезентациите. Во примерот/анализата ќе ставиме главен акцент на нашата репрезентација и нејзините перспективи, бидејќи секако, да не беше таа, овој текст немаше да биде напишан.
Во моментов, пласманот во двете новоформирани групи изгледа вака:
Група Е
- Франција – Е1
- Шпанија – Е2
- Литванија – Е3
- Турција – Е4
- Србија – Е5
- Германија – Е6
Група Ф
- Русија – Ф1
- Македонија – Ф2
- Грција – Ф3
- Словенија – Ф4
- Грузија – Ф5
- Финска-Ф6
Четвртфинални двојки би биле следниве:
Е1 Франција – Ф4 Словенија (од оваа двојка ќе добиеме Победник1 и Губитник1)
Ф2 Македонија – Е3 Литванија (од оваа двојка ќе добиеме Победник2 и Губитник2)
Ф1 Русија – Е4 Турција (од оваа двојка ќе добиеме Победник4 и Губитник3)
Е2 Шпанија – Ф3 Грција (од оваа двојка ќе добиеме Победник4 и Губитник4)
По редоследот по кој се напишани, следат и полуфиналните двојки (Победник1 – Победник2, и Победник3 – Победник4). Јас ќе претпоставам дека понатмау одат: Франција, Литванија, Русија и Шпанија, па така тие ќе бидат Поб1, Поб2, Поб3 и Поб4.
Наредните (полуфинални) парови се: Франција – Литванија и Русија – Шпанија, ќе претпоставиме дека Франција и Шпанија ќе играат во финалето, и дека Шпанија ќе биде европски шампион…
Ако пак успееме да издвојуваме победа против Литванија, ние играме во полуфинале, и одиме на Франција, понатаму знаете…
Сепак, бидејќи ова е малку веројатна варијанта, ќе се вратиме на опцијата Литванија да ја порази нашата кошаркарска репрезентација, и ќе го разгледаме она што би се случувало потоа.
По четвртфиналето, поразените екипи продолжуваат да разигруваат за пласман од 5то до 8мо место.
Губитник1: Словенија, Губитник2: Македонија, Губитник3: Турција, Губитник4: Грција.
Г1 оди на Г2 а Г3 оди на Г4.
Соодветно, двојките би биле: Словенија – Македонија и Грција – Турција, победниците од овие две двојки, играат меѓу себе за 5то место, поразените за 7мо.
Ако го запазите редоследот на натпревари, можете да ги разработите и другите можни комбинации, што ако сме трети во групата, што ако сме четврти, или пак први… тоа го оставам на вас. Да напоменам дека, ќе играме уште минимум пет натпревари на првенствово.
Инаку, што се однесува до нашите четврт-финални притивници, од она што јас до сега го видов на ова ЕП, мислам дека шансите да отидеме во полу-финале ни се многу мали, сепак, поради она што нашата репрезентација до сега го прикажа, нема да кажам дека шанси не постојат. Инаку, кога јас би бирал противник за четврт финале, најпрво би ја избрал Србија, и тоа, од причина што пред околу еден месец на турнирот во Словенија им пруживме солиден отпор, затоа што физички не се така моќни како Франција или Шпанија, и затоа што верувам дека имаат расклимана самодоверба по трите порази што до сега ги доживеаа на ова ЕП. Втора на списоков ќе ја ставам Литванија, која иако е комплетна репрезентација, и иако игра дома, сепак, може да се случи да има слаб шутерски ден, а кога не им оди шутот (што се случува ретко) може да се победат. Што се однеспува до Франција и Шпанија, сметам дека шансите против нив се исклучително мали, пред се поради нивната НБА физичката супериорност, овие две репрезентации ги сметам за најголеми фаворити за златен медал.
За крај, битно е да се напомене дека, репрезентациите кои ќе е пласираат од 3то до 6то место ќе учествуваат на квалификациски турнир за олимписките игри во Лондон следната година. Доколку Србија не влезе во финале, постои голема веројатност тој турнир да се одигра во Белград. Финалистите пак, обезбедуваат пласман на ОИ со самиот пласман во финале.