Само седум дена до стартот на новата сезона…претставени од кој друг, ако не Тони Кукоч.

Како дообјаснување, линк до постот на Јоввв за Куки.

1 COMMENT

Среќен роденден, Тончи! by Jovvv

Posted by Karakash Under Видео, Кукоч on Saturday Sep 18, 2010

(За човекот на кого цели генерации му се клања, на кого цела Европа му се клањаше, кој со кошарка ги зарази истите тие генерации кои ден-денеска му се благодарни и кои не остануваат рамнодушни кога ќе се спомене неговото име. Единствениот Тони Кукоч, играчиште какви што веќе нема. Сега има некои нови европски клинци кои го одат неговиот пат…иако веќе никогаш нема да има друг Тони Кукоч. Ова подолу е текст од нашиот special guset star – Јован Бошков) – Е.К.

Да се работеше за бајка, овај текст најверојатно ќе започнеше со “Многу одамна, на овој ист ден (18.09), во една држава која денес не постои, во убавиот Сплит, на брегот на прекрасното Јадранско Море, во револуционерната ’68, се роди дете на кое родителите му дадоа име Тони, или нагалено Тончи…”

Имаме среќа што Тони не му се посвети на пинг-понгот (на 14 години бил кадетски првак на Хрватска), ниту пак на фудбалот (Кукоч, како и секое друго дете родено во градот “под Марјан” чие срце чука за Хајдук, одел на тренинг во сплитските “били”), туку малото целулоидно топче и “буба-марата” ги замени со портокаловиот баскет и на светот му подари незаборавни кошаркарски моменти.

Светот за прв пат го запозна на Јуниорското СП во Бормио, Италија, во 1987 година, кога во финалето буквално ја потопи репрезентацијата на САД, со Лери Браун на клупата, и со Пејтон, Лери Џонсон, Стејси Огмон на теренот, погодувајќи неверојатни 11 од 12 удари за 3 поени. Тоа беше една генерација во која покрај Кукоч се наоѓаа имиња како Раѓа, Дивац, Саша Ѓорѓевиќ, со Светислав Пешиќ на клупата.

(тиња е сликата)

Нема многу да се задржувам на неговите бројни трофеи, со кои цврсто стои на првата позиција на најтрофејните европски кошаркари. Повеќето знаат за трите последователни титули во КЕШ (Куп на Европски шампиони) со неговата Југопластика, подоцна ПОП 84, екипа која пред една година е избрана за најдобра во Европа на сите времиња. Со репрезентацијата на СФРЈ, стигнува, исто така, до последователните титули на ЕП во ’89, СП во ’90, и ЕП во ’91.

До ден денес жалам за таа никогаш неодиграна средба меѓу СФРЈ со Дражен, Кукоч, Раѓа, Дивац, Паспаљ, Здовц, Ѓорѓевиќ, Перасовиќ и оригиналниот Дрим-тим. Трите НБА титули и останатите индивидуални признанија ја прават листата комплетна.

Знам дека помладите читатели на МакНБА најверојатно го паметат Кукоч по неговата НБА кариера. Но, кој не го гледал Тони во дресот на Југопластика, ПОП84, Бенетон, репрезентативниот дрес на Југославија, не може ни да замисли за каков играч се работеше. Со своите 211cm, Тони можеше да игра на било која позиција, од плејмејкерската до центарската.

Имаше неверојатен преглед и чувство за асистенција за играч со такви физички предиспозиции, од таму со право го доби прекарот “Белиот Меџик”, иако југословенските новинари му го измислија онај многу попознат прекар – “Пинк пантер”. Се сеќавам на една негова изјава за “КОШ” дека најмногу од се’ го исполнувале асистенциите, бидејќи на тој начин правел двајца луѓе среќни – себеси и својот соиграч. Имаше елегантен скок-шут, одлична скочност,
солидна игра во одбрана, со еден збор – имаше се’.

Тони е играчот поради кој почнав да гледам кошарка. Поради Тони и Југопластика, татко ми постави кош во дворот, Поради Тони почнав да одам на тренинг, заради Тони денес ја сакам кошарката на ваков начин. Знам дека за повеќето Дражен е и ќе остане најдобар играч на овие простори, ама мене Тони секогаш ќе ми биде број еден.

Последен пат Тони го видов во 2008 на Хрватската телевизија (HRT) како гостин на Александар Станковиќ во емисијата
“Nedeljom u 2″. Подостарен, со побелена коса, но на лицето сеуште ја имаше таа детска, искрена, по малку наивна насмевка. Таа насмевка ќе остане засекогаш врежана во моите сеќавања, на лицето на човекот во жолтата седумка.

Тони, среќен нека ти е роденденот и фала за сите моменти што ни ги подари.

Линкови од емисијата Nedeljom u 2, na HRT, ако некој сака и има време да ја гледа :)

Прв дел
Втор дел
Трет дел
Четврт дел
Петти дел
Шести дел
Седми дел

1 COMMENT