Кога зборувам за тоа дека Хоукси се др.Џекил и мр.Хајд екипа и дека за во плеј-оф ти треба играч кој е вонсериски ако сакаш да дојдеш далеку, мислам точно на она што синоќа се случуваше во Атланта.
Хоукси ја добија првата дома, иако во тимот ги немаат единствените двајца способни нешто да одиграат на „петка“ – Хорфорд и Заза. Без вистинско присуство во рекет се истакна Џош, а на Селтикси очигледно им недостигаше Реј Ален. Кога по егзибицијата на Рондо со судијата во финишот на таа текма Ражон си лапна суспензија за Гејм 2, за која беше јасно дека нема да игра ни Реј, некако значително се зголемија шансите за Хоукси да дојдат до 2:0.
Ама само за оние кои не знаат каква е тоа екипа. Мене сигурна победа на АТЛ ми е само онаа која ќе ја видам во бокс-скор. Без разлика дали Бостон им игра со стартен бековски тандем од Бредли и Пјетрус и има исто така големи проблеми во рекет каде единствено Кевин е играч за респект.
Но, Бостон го има она што Хоукси го немаат, а тоа е суперстар во тимот. Не според договорот и милионите на кои си спие, туку според способноста сам да реши исход на еден меч, а можеби и на цела серија. Играч каков секоја екипа која сака нешто да постигне во плеј-офот мора да има. Играч каков екипи како Фила и Инди го немаат, и тоа не ми дава да ги ставам во круг на екипи кои можат да направат нешто големо на Истокот.
Истото се однесува и на овие Хоукси, кои можеби имаат проблеми со повреди во рекет, но кои до сега покажале дека и со овој тим можат да се носат со секого, ама и да изгубат од секого (со исклучок на Бобкетси, тие се никој…и ништо). Тие немаат вистински лидер, немаат играч кој ќе преземе одговорност и кој ќе ги однесе преку втора рунда. Тоа е јавната тајна која сите во Атланта, а и пошироко ја знаат.
Затоа, не бев сигурен во нивна победа синоќа, а Пирс ми докажа и зошто е тоа така. Со камбек на Рондо за првиот дуел во Бостон и можеби на Реј за некоја од следните текми, Атл може да се прости и од 2. рунда.
Кога само би можел да типувам за било што поврзано со нив и кога би знаел дали ќе се појави др.Џекил или мр.Хајд.
ПС: Она што е сигурно е дека ако уште еднаш или двапати им се појави Вајстината, нема да видат ни второ коло.






