3/3 – Thunderstruck
Posted by Karakash Under 3/3, Гасолина, Дурентула, Кобиџилница, Playoff '12 on Tuesday May 22, 2012
Синоќа во Оклахома Сити го добивме финалето на Западот кое речиси сите го прогнозираа пред почетокот на овој плејоф, конф. финале помешу двете екипи кои играа најубава кошарка, и кои реално се двата најсилни колективи на Западот, ако не и воопшто во НБА.
Знам дека фановите на Лејкерси се разочарани, што е сосема нормално, но Оклахома Сити е подобрата екипа и Тандер се со право еден од најсериозните кандидати за освојување на титулата. Тие тоа го докажаа со неверојатно зрелата игра во последната четвртина во речиси секој свој одигран меч во овој плејоф, нешто што е голем напредок во однос на лани и што им дозволува да веруваат дека можат и до големото финале.
Спарси мене ми се фаворити во конф. финале, но дали е тоа навистина така ќе покажат првите две текми во Аламо, на кои многу работи ќе станат појасни. Од тоа дали Јута и Клиперси беа вистински ривали за Сан Ан, како и дали Тандер со својата младост и атлетски квалитети ќе бидат проблем и за Спарси.
Дурентула сигурно ќе биде проблем, затоа што ниту Спарси, ниту пак било која друга екипа има играч кој може да го чува, па затоа за очекување е тимот доста да пази на него во секоја ситуација, нешто што Поп сигурно веќе го испланирал.
Дуелот на Вестбрук и Тончи би требал да биде милина за гледање, исто како и тој на Ману и Брадата од двете клупи, двајца играчи кои имаат доста сличности во својата игра. Тимчо ќе мора во рекет да се ’рве со Ибака и со Мргудот, а ако серијата со Клиперси е некаков показател, рекетот останува негово царство, без разлика на тоа против кого игра.
Но, пред да се префрлиме во целост на финалето на Западот, малку и за петтата текма во Оклахома Сити, која уште еднаш ги исфрли на површина сите слабости на Лејкерси. На крајот се’ се сведе на солирањето на Коби и неговата неверојатна волја за победа, која без расположени соиграчи покрај него (или па барем уште еден на навистина високо ниво) не дава плод во плејофот. Барем не против опасна екипа како Тандер.
Пау беше поагресивен овој пат, ама ни тоа не му помогна многу. По 14 поени и скокови делува убаво, но тој не можеше да влијае на одбраната на својот рекет како што тоа се очекуваше. Можеби за тоа повеќе вина од Пау сноси Бајнам, кој пак делуваше незаинтересирано, со моменти на покажување на својот потенцијал, и многу повеќе моменти на задоцнување во ротациите во одбрана и неуспевање да се избори за позиција во рекетот против Мргудот.
Уште по текмата кога го прашаа за тоа дали се гледа себеси и следната сезона во Лејкерси, момакот изјави дека би играл било каде, не мора тоа да се Лејкерси !?!?!
Тој негов последен одговор е уште еден доказ дека проблемите на Бајнам се стриктно во главата, и дека тоа е нешто што или се исправа сега или никогаш нема да се исправи и тој никогаш нема да го реализира својот потенцијал.
Бајнам или Пау е одлуката на Мич Купчак за ова лето, со тоа што доста поверојатно делува евентуален трејд на Гасолина. Можно е и двајцата да бидат трампани, но барем сега тоа не делува како реална опција и веројатно ќе зависи од тоа што ќе прави Орландо со Двајт.
Остатокот од тимот, исто како и Бајнам, имаше само моменти во кои покажа дека местото им е на теренот. Сешнс како никако да не се навикна на играњето на големата сцена, нешто што е сосема ново за него, Блејк, Светомир, Хил беа корисни, но недоволно да направат клучна разлика.
Посебно не против еден тим како Тандер, каде сите играчи се фокусирани кон истата цел и за остварувањето на таа цел секој од нив ја игра својата улога на теренот. Во комбинација со таква публика и млади ѕвезди кои играат позрело од своите години, иднината изгледа убаво за Тандер, а новата историја на ребрендираниот клуб тие ќе се обидат да ја испишат уште во финалето со Спарси, нивно второ конф. финале во последните две години.
ПС: Патем, критиките на сметка на Мајк Браун се тотално непотребни и претерани во оваа ситуација. Човекот се најде во тешка ситуација да наследи легенда како Зенот на клупата, немаше можност преку тренинг-камп да ги воигра играчите и да ги навикне на својот систем, пред се во одбраната, а на стартот ја немаше ни поддршката на Коби, кој лобираше нов тренер да биде неговиот пријател Брајан Шо. Башка, Мајк наследи екипа која беше навикната да игра триаголник во нападот и во која односите не беа на најдобро ниво по неуспешната трампа на Пау, кој очигледно не беше среќен што сакаа да го трампаат, и трејдот на Ламар, што дполнително го налути Коби. Кога сето тоа ќе се земе во предвид, Браун заврши и добра работа со сета драма и притисок кои го опкружуваа во Ел-Еј.












