ОДИМЕ НА ПОБЕДА!
Posted by Chote Under ЕвроБаскет, Еуробаскет 2011, Македонски баскет, sead93 on Tuesday Sep 13, 2011by: @sead93
Мечот со Литванија во четвртфиналето на Европското првенство 2011 е сигурно најважниот натпревар во досегашната историја на македонската кошарка. Самиот пласман е повеќе од инзвонреден успех, но нашите момци не треба да се задоволат туку-така и треба да продолжат да играат со посветеност и тимски дух кои ги покажаа до сега и со кои ги пленија сите. Ако го сторат тоа, нашите шанси да се пласираме во полуфинале и да постигнеме уште поголем историски успех се повеќе од добри.
Кои се клучните фактори за да се надеваме на успех во натпреварот со Литванија?
- Во кошарката победува оној кој ќе успее да ја наметна играта која му одговара, а стиловите на двете екипи не можат да бидат поразлични: Литванците играат брза „run and gun“ кошарка, со многу контри и брзо движење на топката, втрчувања под кош и прецизни пасови до слободните играчи во трк и во близина на кошот (често со атрактивни пикенрол цепелини). Македонската репрезентација игра бавен стил, со акцент на одбраната, контролирано темпо на играта и трпеливо барање на најдобро поставениот играч во нападот. Прва, и можеби најважна, задача е да се забави играта, да се контролира ритамот и да се наметне игра со долги напади, без бркање по терен и без обидување да се наттрчаат Литванците. Според процентот на шут Литванците се први на овој турнир, единствени над 50% (53.2), а голем дел од нив се од лесни поени. Ако се забави играта, Литванците потешко ќе влезат во ритам кој им одговара и ако резултатот остане тесен или во наша полза и по полувремето, ќе стануваат нервозни. Во таква ситуација притисокот врз нив ќе биде многу и тука е шансата за нас.
- Тесно поврзано со првото е следниот клуч за победа: мора да ги ограничиме Литванците на некои 70-тина поени. Ако надминат 80 ќе биде многу тешко да им парираме. Литванците во просек постигнуваат 85 поени на ова првенство и се први според оваа категорија. Ние сме 18-ти (од 24 тимови) според постигнати поени (69.5 во просек), но затоа трети (со 65.3) примени кошеви. Мора да наметнеме натпревар со бавен ритам и упорно да туркаме меч со низок резултат.
- Трето, контролата врз резултатот многу ќе зависи од тоа колку лесни поени ќе им дозволиме на противниците. Лесните поени мора да бидат сведени на минимум, а нашиот тим покажа дека знае да го прави тоа. Овде пред сé е важно да не се дозволат поени од противнапади и лесни положувања од под кошот. „Одбраната во транзиција“ е клучна за нас: брзото враќање назад, оневозможување лесни контри и блокирање на лесен влез во рекетот се „морални“. Најголемата опасност лежи во лесно препуштање на нашите играчи на шут за три, а од такви ситуации противникот најлесно и ги изведува контрите. Така, бројот на шутеви од далечина мора да биде нешто под просек (имаме 24 обиди за 3 поени по натпревар) и под контрола на тренерот. Според оваа статистика Литванците се дури 23-ти на турнирот со 15 обиди по натпревар од што се гледа дека фокусот им е врз лесни поени и поени од движење кон кошот и од под кош.
- Литванците немаат доминантен офанзивен играч, а водечки спроед бројот на поени се Каукенас (11.8), Јасикевичиус (10.6), Каинитис (10.5) и Валанциунас (10.4). Се работи за тим со балансиран напад во кој на секого може да му тргне, зависно од расположение и распоредот на дуелите со противничките играчи. Како и да е, она што ја поврзува играта на Литванците е интелигентна игра водена од плејмејкерот на тимот кој ги држи конците и го оркестрира нападот (најопасен тука е искусниот Јасикевичиус). Затоа во делот на „реметење“ на самодовербата на противникот и неговата контрола врз топката, нашиот тим би требало да примени тактика на притисок врз топката додека е таа во раце на плејмејкерот (кецот во тимот и тоа на различни начини: дупли тимови, зонски формации од типот 1:3:1, пресинг на својата половина од теренот и сл.). Ако не им дозволиме на плејмејкерите на Литванија да се размавтаат нашите шанси рапидно растат.
- Скокот, според мене, е клучната статистичка категорија. Натпреварот со Русија беше изгубен под кош, а не со последната тројка (45-28 предност за Русија). Добрата одбрана е нецелосна ако нема клучен скок. Досега бековските скокови (најмногу од Мекелеб) нé вадеа често, но во овој натпревар скоковите на Антиќ, Самарџиски и Чековски се клучни, а крилните играчи мораат да помогнат максимално. Со ова ќе се минимизираат поени од втор или трет обид на противникот. Литванците се лоши во офанзивните скокови (16-ти на турнирот со 10 офанзивни скокови во просек) и на овој меч тоа мора така и да остане ако сакаме да се надеваме на победа.
Ова е некој минимум на клучни услови не само да им одолееме, туку и да ги совладаме домаќините. Атмосферата секако ќе биде урнебесна, а смирената игра на нашите играчи ќе биде под најголем тест до сега. Сепак, не треба да заборави дека во вакви натпревари почетокот е многу важен: ако тргнете силно и веднаш ја замолчите публиката со цврста и контролирана игра, предноста од трибините може бргу да се неутрализира и таа наместо крилја на домашниот тим да биде притисок повеќе за нив.
ОДИМЕ НА ПОБЕДА!






