
Вечер е НБА драфтот со кој, барем мене, ми се заокружува целосно сезоната. По финалето единствена работа која колку-толку го задржува вниманието на сите фанови е драфтот кој е претставување на сите поголеми таленти кои од крајот на октомври ќе бидат дел од големото друштво.
Со текот на годините единствена работа која ја сфатив за драфтот е дека е еден крајно досаден настан кој трае неоправдано долго и кој во основа не вреди да се следи во живо кога утредента може комотно сето тоа што се случувало во Њујорк, плус анализа, да се види за некои десетина минути. Да не зборувам за тоа дека никој, со мал број исклучоци, не знае како ќе се одвиваат кариерите на драфтуваните момци, без разлика на тоа со каков талент тие располагаат.
Но, тука лежи и убавината на драфтот. Ланскиот беше најавуван како еден од најслабите во последниве десетина години, а на крајот ни даде еден куп добри играчи, пред се плејмејкери. А актуелниот Руки на годината не беше прв, туку 4. пик. Неговите пак најголеми конкуренти беа избрани како 7., односно 10. пик. Најголемиот малер пак го имаше 1. пик Блејк Грифин, на кој како да не му беше доволна казна што го драфтуваа Клиперси, па поради операција на коленото мораше во целост да ја пропушти сезоната. Позитивно за него ќе биде што следнава сезона за него ќе биде руки сезона и ќе биде во игра за Руки на годината.
Е сега, единствено што е сигурно за вечерва е дека Џон Вол ќе биде избран како прв од страна на Вашингтон, се понатаму е мистерија и ќе зависи од изборот на Сиксерси, а потоа и на Нетси. Она што ми е мрско се споредбите на овие млади момци со сегашни или екс-НБА играчи, споредби кои редовно се јавуваат пред секој драфт.
Но, за разлика од порано, она што ми го убива ентузијазмот за овој драфт се споредбите со фаци со кои верувам и дека добар дел од момците не се задоволни. Така, со исклучок на споредбите на Вол (Дерик Роуз и Расел Вестбрук), на Еван Тарнер (Брендон Рој) и на Дерик Фејворс (Ал Хорфорд), остатокот од ликовите кои би требале да бидат избрани во првите десет и не е за некоја пофалба.
Веројатно најубиствена е споредбата за Демаркус Казинс, кој би требал да биде избран од 3 до 5 пик. Момакот уште сега е во депресија откако споредбите го стават во кош со Еди Кари и Беноа Бенџамим (тоа би требал да биде многу голем кош за да ги собере сите тројца). Ваква споредба може да биде основа за тужба, зошто не знам кој би сакал да има било што заедничко со Кари, или пак со некогаш талентот Бенџамин.
Споредбите не се нежни ни кон Екпе Удо – Жером Моисо и Крис Гетлинг, ниту пак кон Ед Дејвис (Пи-Џеј Браун-Алан Хендерсон).
Некако сум убеден дека некои од спомнатите момци или пак некој друг. кој ќе биде избран и после нив, ќе ги надмине кариерите на оние со кои го споредуваат. Тоа е уште една од убавините на драфтот – оспорувањето на оние кои сметаат дека знаат се кога станува збор за откривање на новите НБА ѕвезди.
Јас појма немам кој од нив ќе стане ѕвезда. И тоа е добро.
ПС: Пред 4 години им се предвидуваа успешни кариери на Шелден Вилијамс и Адам Морисон. Нешто со што вториов може и да се пофали, ако се земе во предвид дека има две титули со Лејкерси во кои тој имаше цели 1% удел. Тие 1% ги доби поради доброто греење на клупата. Шелден исто така во последново финале имаше можност да стане шампион, а поради проблемите на високите момци на Бостон дури и се најде на теренот. Сепак, останува фактот дека ништо не може да се предвиди и дека успешната НЦАА кариера не е гарант за успешна НБА кариера.
Инаку, таа 2006. година Брендон Рој беше избран како 6. пик. Пред него беа Барњани, Олдриџ, Морисон, Тајрус Томас и Шелден Вилијамс.