Тесно

Posted by Karakash on Tuesday Aug 31, 2010 Under Дурентула, СП 2010

Г’злаци!

Збор кој дефинитивно беше дел од најголемиот број на коментари за синоќешниот дуел помеѓу Бразил и САД. Дуел кој среќно го добија Америте кои пред неговиот старт важеа за огромни фаворити, посебно после плескањата на Хрватска и Словенија во првите две кола.

Среќно, затоа што Хуертас пред да биде фаулиран во финишот, лесно можеше да убаци па да имаме изедначен резултат плус едно слободно за Бразил на неколку секунди до крајот.

Среќно, затоа што истиот тој Хуертас имаше шанса со две прецизни слободни на крајот да ја однесе средбата во продолжение, ама го утна првото. Среќно, затоа што Барбоса успеа некако да стигне до топката после намерно промашеното второ слободно, но не успеа и да погоди за изедначување.

Среќно, затоа што Бразил пред СП го загуби Нене, а на првите неколку средби од турнирот не може да смета ни на Варежао, кој има повреда на скочниот зглоб.

Америте на крај победија и со 3-0 после трите најважни средби во групата сигурно го имаат обезбедено првото место. Тоа беше и нивната цел пред стартот на ова СП, исто како и да учат во од играат заедно, да созреваат како екипа. Ваквиот предизвик од Бразил секако дека е добредојдена лекција, посебно со оглед на тоа дека победија.

Но, кога се во прашање овие Амери мора да бидеме реални за нивниот лимит и квалитет, нешто за што не зборувавме многу тука на МакНБА. Факт е дека ова е резервен состав на САД, посебно во предвид со оној од Пекинг пред две години. Состав од кој веројатно само Дурент би можел да биде сигурен за повик во елитните 12.

Овие Амери во 12 играчи на списокот имаат четири плејмејкери од кои само двајца (Билапс и Кари) се проверени шутери. Имаат две “двојки“ од кои само една (Гордон) има добар шут, но затоа е физички на ниво на плејмејкерите, што значи повеќе минути за шутерски хендикепираниот Игудала.

Имаат три ниски крила од кои Дурент константно се бута на “четворка“, Геј добива помала минутажа и делува изгубено во поставени напади и Гренџер кој е мистерија со својата мала минутажа и во подготовките и на ова СП. Можеби Дени не може д аја прифати улогата на резервист, а можеби и не се вклопува во системот на Кшижевски. Како и да е, мислам дека момакот може да биде многу поопасен и покорисен од Геј или Игудала.

Имаат два крилни центра кои таа позиција не ја играат туку се бутнати во рекетот како центри. Нешто што никогаш не биле во своите кариери и нешто за што физички не се ни градени, ни способни. Одом е мултиталентиран и се жртвува за овој тим играјќи на “петка“, но во повеќе ситуации синоќа беше јасно дека таму не му е местото. Можам само да замислам на колкави маки ќе беше покрај Сплитер да мораше да му ја мисли и на Нене и Варежао. Лав пак, е скокачки потценет млад играч кој може да биде од голема помош, посебно на оваа селекција, но сепак, само во тандем со вистински центар.

Што не носи до тоа дека Америте имаат еден единствен вистински центар а тоа е Тајсон Чендлер, кој вчера на теренот мина само пет минути. Исто како и Гордон и Лав, додека Гренџер и Кари не ни влегоа во игра. Тајсон беше добар со Хрватска и Словенија и е одлично дефанзивно решение за рекетот, но склон е на лични и тоа е голем проблем. Синоќа можеше и мораше да игра повеќе, но Кшижевски си знае зошто тоа не беше случај. Во последните две средби од групата сигурно тој, а и другите кои не добиваа многу шанса, ќе се изнаиграат. Би требало.

На сите ни е јасно кои би биле барем најдобрите десет на Америте и дека тој состав никој не би можел да го добие. Можеби комплетна Аргентина и посебно Шпанија би биле во игра 38 минути, но на крај исходот би бил очекуван. Вака, со оваа скрпена репрезентација и самите американски медиуми и фанови не се убедени дека тие се фаворит за златото. Не дека не можат да го освојат, ама ќе треба многу работи да се поклопат за тоа да се деси.

Големо олеснување за нив е тоа што и другите селекции патат од дефицит на ѕвезди и лидери па така Шпанците ги немаат Пау и Калдерон, Аргентина ги нема Ману и Носиони, а Словенија ги нема Лорбек, Бено Удрих, Рашо и Смодиш. Недостигаат и некои други фаци, но овие се играчи кои многу ќе ги сменеа работите во корист на своите екипи.

ПС: А да, и Бразил го нема Нене и се уште Варежао. Да им беа во екипа веројатно Америте немаше да бидат така среќни синоќа.

One Response to “Тесно”

  1. Tweets that mention NBA Macedonia » Тесно -- Topsy.com Says:

    [...] This post was mentioned on Twitter by Enes Karakash, Enes Karakash. Enes Karakash said: Тесно http://bit.ly/dnzZr6 #basket10 #maknba [...]

Leave a Reply