Херингтон во Денвер, Чендлер се навикна на трампи, Зи кај своето другарче, Бел и Хауард интересни за финалистите
Posted by Karakash on Wednesday Jul 14, 2010 Under Бит Пазар Лето 2010, Д-Вајт, Кобиџилница, Лебронџилница, Трејд муабети, Шек Бургер, MJ23По страшниот шопинг кој неколку екипи од Истокот го направија изминативе денови, редно време беше и некој од Западот да се активира на пазарот, па макар и тој шопинг бил посветен на онаа втора класа играчи на пазарот ова лето.
Така, Денвер ја доби битката со Далас за Ал Херингтон, кој е новиот соиграч на Кармело и Чонси. Со оглед на тоа дека Ал е во најзрели играчки години (30) плус повредите на Кенјон Мартин и Крис Андерсен, кои би требало да го пропуштат стартот на сезоната, ова е добар потег на Нагетси. Плус, Ал е тип на играч кој се вклопува во стилот на игра на Џорџ Карл. Доколку успеат да го донесат и Луис Амундсон да се бори во рекетот, Нагетси можат пак да бидат интересни следната сезона.
Далас се утеши со Тајсон Чендлер, кој во комбинација со Брендан Хејвуд би требал да ги направи конкурентни во рекетот против Лејкерси, кои сите на Западот ги бркаат. За да дојдат до Чендлер, Мавси се откажаа од Ерик(а) Дампие, како и од Мет Керол и Нахера. Всушност, од сите тројца дигнаа раце уште пред некое време само ја чекаа вистинската понуда да ги трампаат. Керол така си се враќа во Шарлот, Дампие веројатно нема ни да заигра за Бобкетси, а Нахера би можеле да го искористат како аргат од клупата. Заедно со Чендлер Мавси мораа да го земат и Алекс Аџинка, кој сигурно нема да се изнаигра.
Клучот на овој дил е секако здравјето на Тајсон, кој кога не се мачи со повреди, а тоа е реткост, знае да биде одличен дефанзивец во рекетот. Во комбинација со Хејвуд можат да бидат страшни. Ова секако е подмладување за Мавси кои се надеваат дека со оглед на ослабувањето на неколку директни конкуренти, ќе можат да им бидат прв ривал на Лејкерси.
Исто така ова значи и дека Далас, и покрај бројните шпекулации, нема да биде новиот клуб на Шек, кој иако има 38 години се уште е интересен за неколку екипи. Една од нив не е Мајами, иако се зборува за тоа, пред се затоа што Мајами веќе го донесе својот ветеран на центар, другарчето на Леброн, Зидрунас Илгаускас. Покрај тоа планираат да го задржат и ланскиот резервен центар Џоел Ентони. Тоа значи дека нема место за Шек, но и значи дека со таков тандем во рекет + Бош мака ќе мачат да го задржат Двајт Хауард.
А кога сме кај ликови кои се презиваат Хауард, Џош Хауард е на мета на Чикаго и Бостон. Доколку Орландо одлучи да го задржи Редик, тогаш скоро сигурно е дека Булси ќе го потпишат Хауард, Бостон ќе чека да види како тоа ќе се одигра за потоа да се обиде со некаков трејд да стигне до Хауард кој би бил и тоа каков upgrade za Тони Ален кој одлета во Мемфис.
За крај, назад на Западот, Спарси, онака, тивко и во нивен стил, го донесоа Тиаго Сплитер, кој може да им се покаже многу корисен следната сезона.
Лејкерси пак, како што веќе сигурно сите знаат го задржаа Дерек Фишер, а го пуштија Џордан Фармар да се спакува за Њу Џерси. Покрај тоа, денес би требало на маса да седнат Коби и Раџа Бел, некогашните непријатели со цел Коби да го убеди ветеранот да потпише за шампионот. Звучи чудно некој да мора да се убедува да биде дел од шампионски тим.
ПС: Изминативе неколку дена Тајсон Чендлер беше два пати “трампан“. Откако речиси се беше договорено со Торонто, Мајкл Џордан во последен миг го блокираше трејдот во Канада, за само еден ден подоцна да го испрати во Далас. Изгледа исто како им кога беше играч, Мајкл знае целосно да ги сврти работите во последната секунда. Дали ќе биде во негова корист, ќе видиме.



