Ако некогаш ве прашаат дали Минесота се уште има НБА тим, никој нема да ви замери ако одговорите со – Не. Кога на таков начин се однесува управата на еден клуб, како што се однесува таа на Вулфси изминативе неколку сезони (во најмала рака), сосема е нормално Вулфси целосно да потонат во заборав. Без средби на ТВ, без некое звучно име, без никаква перспектива, а со очајни сезони, очајна посетеност и очајни дресови.

И како врв на тоа генерален менаџер кој очигледно залутал во тие води. Како инаку да се објасни еден куп потези кои само ја уназадуваат екипата која и онака е заглавена во длабок минус. Па дури и кога ќе направи нешто  што делува паметно, како трејдот за Мајкл Бизли минатата недела, Дејвид Кан успева се да растури со следниот негов потег.

Потег кој само ве тера да се запрашате што се случува со човеков и дали во Минесота воопшто сакаат да имаат еден ден тим кој нема само да служи за потсмев на остатокот од Лигата. Кога и Клиперси ти се смеат, тогаш навистина нешто не е во ред со тебе.

А на последниот потег на Кан никој не може да остане рамнодушен. Типот го трампаше својот единствен докажан играч, својот најталентиран играч и лик кој со 25 години зад себе веќе има две 20-10 сезони и потенцијал да напредува во Јута во размена за два идни пика од првата рунда. Толку. Ал Џеферсон за два идни драфт избори.

Така, без никаква конкретна жртва Јута ја доби својата замена за Бузер. Помлада, повисока и попотентна замена за Бузер. Можеби Џеферсон ќе треба да поработи на прегледноста на играта и на навреените додавања, но за тоа е тука Џери Слоун, а за да го разигра тука е Дерон Вилијамс. Токму Дерон пред неколку дена јавно го изрази своето незадоволство од заминувањето во Чикаго на Бузер и Корвер и само неколку дена подоцна го добива Џеферсон за соиграч. Ако се земе во предвид дека во Јута веројатно ќе се врати и Рони Бруер, летово и нема да биде воопшто лошо за Јута.

Нешто што за сега не може да се каже за Минесота која сега нема играч со плата поголема од 5 милиони долари, но и нема перспектива за некоја подобра иднина. Иднина која ќе им се базира врз Дарк-О, Лав, Флин и веројатно Бизли. Плус соништа за тоа кого се можеа да изберат на драфтот да имаа некој способен ген. менаџер. Всушност, сега само тоа и им останува – драфтот и надежта дека ќе успеат преку него да изградат респектибилна екипа.

Ако воопшто тоа им е и цел.

Leave a Reply