Ај малце низ бројки да го убиеме времето до вечерашниов старт на НБА финалето.

2 години.

Толку чекаа фановите на Лејкерси на шанса за одмазда за поразот од Бостон во финалето 2008. година.

22 години.

Толку пак чекаа фановите на Селтикси на нова титула, 17. во клупската историја. И баш на патот до него им се најде најголемиот ривал за оживување на најголемото ривалство во историјата на НБА.

1 техничка.

Толку му е потребно на Кендрик Перкинс за да заработи суспензија од една средба. Со темпото со кое ги собираше техничките во ова разигрување. Тешко е за верување дека ќе успее да се воздржи да не добие барем уште една. Тоа ќе го знаат и Лејкерси и верувам дека ќе гледаат да го испровоцираат, но ќе го знаат и судиите, па се надевам нема да му дуваат безвезни технички како оние две во Орландо по кои беше незаслужено исклучен.

2 години.

Пак на две години. Оние кои повеќе од толку време ја пратат МакНБА знаат дека финалето 2008. година и воопшто, месецот јуни таа година не ми се во нешто убаво сеќавање.

Не дека сум фан на Лејкерси, па као жалам за нивниот пораз во финалето. Баш напротив. Кога станува збор за овие два тима јас сум тотално неутрален, а и во тоа финале сакав да победат Селтикси и нивните ветерани да ја освојат својата прва титула. А со самото тоа и да се врати малку шампионскиот сјај на Селтикси, кои долго време чекаа на таква можност.

Приказната е во нешто сосема друго, нешто сосема лично и нешто што, како што пишував тогаш, ако не те убие, секако дека ќе те направи посилен, колку и да звучи тоа како клише од некој лош амерички филм.

Тоа финале 2008. година беше првото после пауза од 18 години кое не го изгледав во целост. Искрено, не изгледав ни една средба како треба, од прва до последна минута и можеби ако соберам се на се изгледав комплетни четири четвртини. Но, тоа тогаш воопшто не беше битно, како што добар дел од старите фанови на МакНБА го знаат тоа.

2 години.

Две години во кои многу работи се сменија, но по кои пак го гледаме истото финале. Како што ми рече и Шепард, нека биде ова затварање на еден круг и почнување на нов, многу поубав циклус. За мене, а кога е тој во прашање, верувам и за Лејкерси.

2 месеци.

Толку траеше муката со серверот во Америка, мука поради која добар дел од вас, како ни јас самиот, немаа пристап на МакНБА секој ден. Сега тие проблеми се минато, се преселивме од денес на стабилен сервер со константна подршка.

Оваа преселба би требала да биде првиот чекор кон пицнувањето на МакНБА, неш-то што ќе се одвива ова лето и што до стартот на следната сезона, се надевам, ќе прерасне во нешто многу поголемо.

* * * * * * *

Малку и за разликите, без да давам било каква прогноза за конечниот исход. На крај на краевите, речиси сите се согласуваат дека ова има потенцијал да биде крајно изедначено финале во кое ќе решаваат нијанси и ретко кој се осмелува со сигурност да типува на некого.

Па и во прашалникот кој пред некој ден беше поставен на Facebook страницата на МакНБА, 30% од вас сметаат дека Бостон ќе слави во шест, а 27% дека Лејкерси ќе бидат подобри во исто толку средби, додека пак 16% веруваат дека мајсторката ќе ја добијат Коби and co.

Разликата во однос на финалето 2008. е во тоа што сега тимот од Ел-Еј ја има предноста на домашниот терен, каде нема пораз оваа сезона.

Разликата е во тоа што и Пирс, Гарнет и Ален се за две години постари, и иако тоа во никој случај се уште не ги направи вишок во Бостон, возраста секако дека знае да биде фактор во вакви серии.

Разликата е и во тоа што Големото трио на Бостон мораше да му направи место на својата маса и на Ражон Рондо, момакот кој некогаш се сметаше за утнат пик на Селтикси и кој импресионираше многумина со својата игра во овој, но и во минатиот плеј-оф. Најмногу поради неговото созревање, но и тоа на Кендрик Перкинс, не се почувствува стареењето на Големото трио.

Разликата е и во Рон Артест, лик каков Лејкерси немаа таа 2008. година. Лик кој колку што знае да биде Дибек вон теренот, знае да биде и фактор на него, иако и таму често донесува дибек одлуки.

Разликата е и во тоа што сега еден Брајан Шо нема потреба да ги учи играчите на Лејкерси за риваството со Селтикси и дека во суштина на целото ривалство е неподнесувањето на едните со другите.

Шо тоа добро го знае, како екс-играч на двата тима и сегашен помошник во Лејкерси, но после поразот во финалето 2008. добро го знаат и играчите на Лејкерси кои се гладни за одмазда.

И пак, постот завршува со истата тема со која и започна, со одмаздата на Лејкерси за оној пораз од пред две години. Сигурен сум дека во посебно сеќавање им остана она табање во последната средба во Бостон.

Дали ќе бидеме сведоци на одмазда, ќе видиме, а најубавото нешто е што нема да треба многу да чекаме на конечниот одговор.

One Response to “Време е…”

  1. Retry Says:

    Pa i ne beshe neshto posebno utakmicava, najdobrata rabota e shto Lakers tepaa :)

    I sudiive nekako mi bea somnitelni.

Leave a Reply