Лејкерси и Селтикси се доказ дека нема вистина во зборовите на сите кои викаат дека не можеш да убациш во поголема брзина кога ќе посакаш. Нивните игри во плејофот се доказ за тоа.
Бостон посебно беше тим во кој никој не веруваше, група на старци плус Рондо која одигра ужасен втор дел од сезоната, се влечкаше по теренот и губеше средби дома од тимови кои не би смееле ни да помислат на победа против нив. Сите се сомневаа во коленото на Гарнет, во годините на Реј и Шид, во способноста на Пирс. Само Рондо беше изземен од целиот муабет. Кавси и Орландо беа фаворити, но се лизнаа, пред се зошто ја немаа таа глад, желба, интензитет, искуство и на крај на краевите, знаење како се стига до финалето.
Лејкерси беа фаворити на Западот, но и тие сезоната не ја одиграа најсјајно, со повремени падови по кои сите се сомневаа дека можат до титулата. Коленото на Бајнам, невклопувањето на Артест и други приказни, а пред се не баш добрата клупа го мачеа Фил, а и Коби изнареди еден куп ситни повреди. И на крај сето тоа немаше врска и уште еднаш ќе го гледаме најславното финале во историјата на НБА, а можеби и на спортот воопшто.
И околу оној муабет дека не можеш да убациш во повисока брзина кога ќе посакаш…Коби тоа го докажуваше цела оваа серија со Феникс, а посебно во задњава синоќа кога докажа дека е најдобар closer денес и еден од најдобрите на сите времиња.
Исто така и Селтикси одиграа за ниво повисоко, ниво на кое се префрлија по онаа брука дома во третата средба со Кавси кога Леброн сам ги победи и кога сите ги отпишаа. Никој не веруваше дека го имаат тоа во себе, освен оние кои се најважни во целата работа, а тоа се токму тие.
Секоја чест за Санси кои дадоа се од себе, ама не можеа против неверојатнио Кобстер, иако Вујачиќ добро се потруди да им помогне. Зборовите на Алвин Џентри после средбата кажуваат се:
“Was that Kobe or was that Michael? He’s the best player in basketball, and I don’t think it’s even close”.


