Готово. Заврши и последната серија од втората рунда. Веројатно не како што многумина од нас очекуваа, но сепак, со оглед на тоа каква бизарна серија ни приредија Кавси и Селтикси, среќен сум што нема да гледаме мајсторка. Но, иако серијата заврши, мислам дека таа и тоа што во неа се дешаваше е само почеток на она што сосема незаслужено ќе ги преокупира сите НБА медиуми и ќе фрли сенка врз конференцсиките, а можеби и врз големото финале.

Веројатно последниве неколку дена на сите им дојде преку глава од сите муабети за тоа што им се случило на Кавси и на Леброн посебно, но тоа сигурно ќе продолжи и следниве денови, зачинето со приказните и шпекулациите за она што никој не го знае, а тоа е иднината на Леброн.

Ќе се слушаат разни анализи, зошто го снема Џејмс во последните три средби од серијата со Бостон. Некој ќе се јави со оправдувања како лактот му бил повреден, иако тоа сигурно не е причина за слабата игра.

Ќе чуеме и муабети дека човекот не е победник и дека е себичен лик кој наместо да го споредуваме со Мајкл Џордан, би требало всушност да го споредуваме со Вилт Чембрлен, кој пумпаше неверојатни бројки, но на крај не остави зад себе многу титули.

Некој ќе го обвини Мајк Браун дека е слаб тренер….т.е. сите ќе го обвинат Мајк Браун дека е слаб тренер и нема многу да згрешат. Нормално, ниту за секој неуспех не е целосно виновен тренерот, ниту пак за секој успех се заслужни само играчите, но кај Кавси е евидентно дека се тим без играден било каков офанзивен систем  освен тој да му се даде топката на Леброн па да видиме што ќе се случи. Можеби тоа пали во рег. сезона и против просечни тимови, но против екипи како Орландо и Бостон, како што покажаа и последниве разигрувања, тоа не поминува.

Браун заслужува отказ и тоа е факт, но потребни се и некои други промени.

Менаџментот на Кавси, иако некои го пофалија, не направи нешто многу паметни потези со цел да го опкружи Леброн со квалитетни соиграчи. Шек не беше добра идеја, Мо Вилијамс не е “Пипенот“ кој му треба на Леброн, Џејмисон не е лик кој некогаш играл за плејоф победник, нити лик кој знае сам да креира во нападот…итн…иако некои од нивните играчи се борци, тоа е премалку ако се нема талент за големи серии и големи победи.

На крај малку за Леброн, зошто ова ќе биде последен пат, барем се надевам, дека ќе му се обрати било какво внимание на МакНБА, се додека не заврши плејофот во кој играт ликови кои многу повеќе го заслужија тоа.

Дали ова беше последна негова средба за Кавси? Не знам, како што не знае ни никој друг, па веројатно ни самиот Џејмс. Факт е дека нешто беше труло кај него и Кавси по она газење на Селтикси сред Бостон за 2-1 во серијата. На минатата средба сите викавме дека дигнал раце од тимот, затоа што навистина така делуваше, и според изјавите потоа и според говорот на телото кој покажуваше целосна незаинтересираност. Синоќа беше нешто подобар, но недоволно за да заличи на оној Леброн кој сите го знаеме. Нешто се случува со него, но што никој не знае. И нема да знаеме се додека не се одлучи за својата НБА иднина.

Токму поради тоа викам дека ќе биде уште полошо по ваквиот крај на оваа серија, пред се затоа што медиумите од некои други градови, очајни и гладни за пак да бидат релевантни ќе отекуваат со приказни како Леброн е нивната следна голема ѕвезда. Други ќе најавуваат дека може да оди ваму или таму, додека сите фанови во Кливленд и самиот град ќе бидат најголемо заложници на неговата конечна одлука.

Таквото внимание кон него најмалку го заслужуваат најдобрите четири тима кои останаа да се борат за титулата и затоа, барем на МакНБА,  нема да го тупиме со ЛеБакл…овај, Леброн.

ПС: Барем една ствар беше позитивна за Џејмс синоќа, а тоа е дека за разлика од лани, овој пат после поразот се поздрави со противникот.

2 Responses to “Нешто је труло у држави Охајо”

  1. thebballkid Says:

    Најдобрата колумна што ќе ја прочитате во моментов за ЛеБрон:

    http://sports.espn.go.com/espn/page2/story?page=simmons/100514&sportCat=nba

  2. Retry Says:

    Mnogu dobra e, iako malku na momenti se preteruva vo postavuvanjeto na granici, ama vo sekoj sluchaj ima interesna sporedba.

    So taa razlika shto na Lebron mu fali ushte samo titula za da bide D-r J :)

Leave a Reply