Групњак привју…Кој е втор на Западот?
Posted by Karakash on Tuesday Oct 27, 2009 Under Aмар-корд, Најави 2009-2010, Нештињо, Пол, Привју 09, WestВечер стартува новата сезона (кое клише интро)…а со оглед на тоа дека освен за Хјустон и Торонто немавме ваш текст за некоја друга екипа, (Шеп ќе ја прави најавата за Лејкерси, ја за Хоукси), после оној текст за четирите екипи од Дното на Западот, следат два “Групњаци, еден за Западот и еден за Истокот. Некој ќе добие повеќе. некој помалку реченици…Идеме, не по некој посебен ред:
САН АНТОНИО – Знам дека голем број НБА фанови се надеваа дека ланската плејоф елиминација беше последното што ќе го видиме од овие Спарси, но трејдот, па пензионирањето на големиот Брус Боувен не ја поремети визијата на Поп за максимумот на оваа генерација. Данкан намали килажа, Ману е здрав, а Тони е Тони. Покрај нив сега ги имаат и Ричард Џеферсон и Антонио Мекдајс на двете најкритични позиции од лани. Да сум фан на Лејкерси би се замислил во врска со Спарси. Да сум фан на Денвер, би се исплашил од Спарси.
ДЕНВЕР – Последната реченица од делот за Сан Антонио најдобро ја опишува сезоната за Нагетси. Тие остануваат еден од фаворитите за пласман во финалето на Западот, но ќе биде потешко од лани. Ги нема Клеиза и Џонс, но има некои нови фаци кои би требале да ги заменат солидно, со поголема минутажа за Смит. Мело е во најдобрата форма, барем физички, од било кога и се ќе биде во негови раце ако сака да ги стигне другарчињата од својата драфт генерација Леброн и Вејд.
ЈУТА – Ова лето требаше да биде турбо за Јута, но наместо тоа во Солт Лејк Сити беше мирно како што и може да се очекува од мормонскиот главен град. Бузер остана, иако може да се деси да го трампаат сезонава. Остана и Милсеп, како и Мемо, додека не успеаја да се откачат од неупотребливиот Кириленко, кој и понатаму им го цица селари-капот. Дерон останува најдобар играч, плејофот е достижен, ама тоа е се. Најдобар потег ова лето беше примањето во Спрингфилд на Стоктон и вечниот Џери Слоун.
ЊУ ОРЛЕАНС – Ланската сезона беше големо спуштање на земја за Хорнетси, тимот кој требапе да има светла иднина. Крис Пол останува МВП кандидат, добар дел од тимот е сменет, но се уште го немаат оној квалитет плус за нешто поголемо. Се откачија од Чендлер, го имаат Емека, кој почна да им оди на нерви на новите соиграчи, Пеџа и понатаму зима пари за ништо, Вест е една од подобрите “четворки“ во лигата, Скот може да добие отказ сезонава.
ДАЛАС -Најактивни ова лето, заедно со Спарси, беа Мавси, кои одиграа паметно не чекајќи го Летото 2010 за кое се спремаат сите. Остана Кид, но Дирк сега покрај себе ги има и Мерион и Дру Гуден. Заедно со Џош Хауард прават интересна петорка која може да игра клучна улога на Западот. Не дека ќе бидат шампиони, ама изгледаат доста подобро од лани.
КЛИПЕРСИ – Кога се изгледаше дека ќе биде поубаво, дека ланската сезона ќе биде далечно минато и дека повреда веќе нема да биде збор кој ќе се слуша кај секогаш вториот тим во Ел-Еј, Брадата на Берон пак остана сама. Барем на стартот на новата сезона. Блејк Грифин го повреди коленото и ќе го нема некои месец и пол, а тоа значи нови маки за Данливи. Сепак, оваа сезона ќе биде подобра од ланската. Полоша не може, иако кога се Клиперси во прашање, се е можно.
ГОЛДЕН СТЕЈТ – Какo она We believe да беше пред мнооогу години, Дон Нелсон пак се скара со некој од играчите. Стивен Џексон се откажа од капитенската лента и побара трејд. Рендолф, Мороу и Кари можат да изненадат многумина, а интересно ќе биде да се види и Монтеј. Ќе играат брза кошарка, а на крајот плејофот пак ќе го гледаат од дома.
ПОРТЛАНД – Лани успеаја да стигнат до плејофот, но таму изгореа поради незнаење. Оваа година се малце постари и поумни, а и Грег Оден, конечно, делува како да фаќа залет. Главен потег беше ангажманот на Андре Милер, кој би требал да им донесе стабилност на плеј, додека најмногу среќа имаа кога нивните милиони ги одби Туркоглу. Интересни за гледање и тим на иднината.
ФЕНИКС – Викаат дека пак ќе трчаат, дека ќе играат како кога беа дел од НБА елитата. Арно ама, Неш е постар, Амари е осамен во рекетот, Хил е уште постар од Неш, а Џентри не е Д’Антони. Имаат понекоја светла точка, но факт е дека полека, но сигурно станува тажно во Аризона. Штета.








October 27th, 2009 at 21:52
пак ли се лејкерси први фаворити? ми одговара, ама не верувам. ај да видиме вуна шо ќе рече, па „стручно“ да тумачиме после.
October 27th, 2009 at 21:52
Барем на Западот дефинитивно се…па и во целата Лига, сепак се шампиони, иако имаат сериозна конкуренција на Истокот.